ГАЛИЧКА СВАДБА
Спектакл што го нема во светот
Во црквата „Св. Петар и Павле“ свештеникот Благоја Спиркоски, од Дебар, ги венча младенците Вања Ристовска и Горан Гавриловски, со што беше крунисано годинашното издание на „Галичка свадба“
Киро Кипроски
ГалиЧник - Македонскиот бренд - културолошката и туристичка манифестација „Галичка свадба“, која викендов го доживеа своето 46. издание, привлече неколку илјади посетители од нашата земја, од соседството, од САД, Австралија, Јапонија и од повеќе европски држави.
Никаде во светот, на ниедно место не се собира толку народ на свадбарска веселба како на „Галичка свадба“, свадба која го носи епитетот свадба со најмногу сватови. Така беше и годинава. Традицијата на негување на непроценливото богато културно наследство, на обичаите, фолклорот, песната продолжува/аманетот на предците да не се заборави Галичник, свадбата и се' што е галичко, нивните наследници, фанатички вљубени во граогорот, во планината Бистра, во илјадагодишното постоење на Галичник, го негуваат и не дозволуваат ниту најмала работа да замине во заборавот..
Два дена се одиграа многу ора, се испеаја многу свадбарски песни, беа изведени голем број свадбарски обичаи и ритуали, од единствената и неповторлива „Галичка свадба“ која, од вековите кога тука живо се живеел, кога се одржувале и по 50 венчавки во еден ден, траела седум дена.
„Амбиентот е импресивен. Глетката единствена, несекојдневна, пленува архитектурата на куќите и нивната амфитеатрална поставеност, галичката носија, ората, свадбарските ритуали, ми ја пленија душата и ме исполнија со голема и неповторлива радост. ’Галичката свадба‘ маѓепсува. Свадбарскиот спектакл се одржува само во Галичник и никаде на друго место во светот“, со огромно задоволство зборува 66-годишниот Лери Велнет, етнолог од Вашингтон, САД. За првпат во Галичник дошол во далечната 1966 година, на четвртото издание на свадбата. „Среќен што повторно сум тука,а би доаѓал и почесто. Сето тоа што кажа го потврди и неговиот пријател, 56-годишниот Давид Вилдес, професор по социологија од Сиетл, САД.
Во саботата навечер свадбарските свечености, како по обичај, започнаа со китењето и ставањето на свадбарскиот бајрак на куќата на младоженецот. Потоа се нижеа свадбарските ритуали. Свекрвата го одигра свекрвиното оро. На платото пред чешмата Упија, играорците на скопското КУД „Кочо Рацин” ги одиграа „Невестинското” и „Тешкото”, двете ора создадени во Галичник, со иста симболика, значење и порака. Тежок живот, но со голем оптимизам и кај жените и кај мажите, дека ќе се борат и ќе успеат да го зачуваат својот идентитет и да дочекаат поубав, посреќен и побогат живот.
Свадбарската веселба траеше до раните утрински часови. За помладата популација пријатно беше изненадувањето и со воодушевување беше поздравен настапот на годинашните македонски претставници на Евровизија, браќата Стефан и Мартин, на групата „Некст тајмс“.
Во црквата „Св. Петар и Павле“ свештеникот Благоја Спиркоски од Дебар ги венча младенците Вања Ристовска и Горан Гавриловски, со што беше крунисано годинашното издание на „Галичка свадба“. Претходно беа изведени обичаите: канење на мртвите, канење на кумот, бричење на зетот, на строј, бодињање, одење по невестата, гледање низ прстен, качување на невеста на коњ, зауздување на невеста, замесување, на вода.
|