ЏЕКИ КЕНЕДИ
Во врска и со деверот Роберт Кенеди?
Откако книгата на Дејвид Хејман, биографот на повеќето славни членови на кланот Кенеди, ќе пристигне на полиците во книжарниците, трачевите за љубовната врска на Џеки Кенеди и братот на нејзиниот покоен сопруг нема да бидат веќе трачеви.
Хејман во својата книга „Боби и Џеки: Љубовна приказна“ објавува низа сведоштва на луѓе, кои и' биле блиски на оваа двојка, но и документи на тајните служби и на ФБИ, кои покажуваат дека Роберт и Џеки Кенеди, шест месеци по трагичната смрт на нејзиниот сопруг, американскиот претседател Џон Кенеди, почнале интензивна љубовна врска, која траела цели четири години, односно се' до смртта на Роберт, во 1968 година, на предизборниот собир за претседателската кандидатура.
Авторот, исто така, тврди дека Роберт токму Џеки ја сметал за вистинска љубов на својот живот, а не сопругата Етел, со која тогаш имал веќе 11 деца. Токму поради тоа не можел да ја остави и да започне нов живот со вдовицата на својот брат.
Книгата е полна со сведоштва на тогашните политички инсајдери, но и познати личности блиски на парот. Сите, главно, зборуваат дека Боби и Џеки цело време се однесувале како трагично вљубени тинејџери.
За врската, наводно, цело време знаела сопругата на Роберт, Етел, но решила да не прави никакви проблеми. Кога на 4 јуни 1968 година, Роберт бил застрелан на предизборниот собир во Лос Анџелес, Џеки веднаш седнала во авион за да биде со него во болница. Етел и' дозволила да биде со Роберт во неговите последни моменти, и токму Џеки на лекарите им го потпишала налогот да ги исклучат апаратите за одржување во живот, кога било јасно дека не може да преживее.
|