30.11.2011, 18:47 Џамијата ги зовре меѓуетничките односи во битолско Лажец

Македонците не се против изградба на муслимански верски објект, само бараат да биде тоа надвор од селото
Битола - На која локација да се гради џамија во Лажец? Оваа дилема повторно ја вжешти атмосферата во ова етнички поделено битолско село. Откако ја слушнале веста дека соселаните-Албанци ги токмат градежните дозволи и ќе ставаат камен-темелник за изградба на џамија на самиот влез од селото, мештаните христијани вчера се собраа на мирен протест. Со автомобили, трактори и друга земјоделска механизација го блокираа патот и просторот каде што Албанците планираат изградба на верскиот објект. Македонците не се против џамија за своите соселани-муслимани, за што и самите предложиле неколку локации, но се против намерата објектот да никне на влезот од селото и тоа среде куќите на Македонците.
„Се собравме на мирен протест за работа која треба да ја решат државните институции, а не ние како селани. Градоначалникот не треба да гледа отстрана, туку да дојде овде, во Лажец, да не' седне на една маса и да најде заедничко решение за двете страни. Ние велиме - каде што се наоѓа нашата црква таму нека биде и нивната џамија. Ако ние сме тргнати од селото, нека се тргнат и тие. Зашто во ова село Македонците се староседелци“, вели Јоше Грашов, жител на Лажец.
Селото има околу 300 жители, само за десетина Македонците се побројни од Албанците. Ова е единственото место во пограничниот појас со Грција каде што доминира христијанското население. Македонците велат дека во соседните села, како што се Граешница, Жабени и Кременица, муслиманите се побројни, но таму не бараат џамија. Советот на Општина Битола лани летото донесе одлука џамијата да се гради на влезот од селото.
„Ние само бараме рамноправност. Нашата црква е на еден километар под селото, додека мостот сами си го изградивме, без помош од државата. Мртовец сме носеле на раце низ река, а коритото беше полно со вода. За ништо не сме имале помош од државата. Затоа сакаме и џамијата да биде на еден километар од селото, па на која и да сакаат страна да ја направат. И на премиерот Груевски лично му кажав дека сите села наоколу имаат црква на сретсело, само ние имаме надвор од селото. Затоа не сакаме кога некој ќе влезе во селото да види џамија, а никаде да нема црква. Ако тие можат да тераат насила, можеме и ние“, револтирано вели Ѓорги Дандушевски, жител на Лажец.
Македонците од Лажец помош побарале и од црквата. „Бев повикан да ги поддржам нашите верници како нивен духовен отец. Ова не е во наша надлежност, но тука сум за поддршка ако божјото право е на нивна страна. Сите имаат право да реагираат на нелегални градби“, вели отец Оливер, архијерејски намесник.
Додека Македонците јавно го манифестираат своето незадоволство од начинот на кој нивните соселани сакаат да градат џамија, Албанците не зборуваат многу за својата намера. Велат дека џамијата и' треба за да не мора да одат на молитва во соседното село Меџитлија.
„Не можеме да прифатиме џамијата да се гради надвор од селото, зашто ние Муслиманите одиме и по четири пати на ден на молитва. Кога ќе одиме, кога ќе се враќаме ако е далеку од селото“, е ставот на жителите Албанци. „Со локацијата не се согласуваме и ние, но ја прифативме заради мир во селото, а џамија ќе направиме кога ќе дојде некој од власта лично во Лажец“, вели Плуми Велиу, битолски муфтија.
Меѓуетничките односи во Лажец одамна се нарушени. Атмосферата со години е мачна и за едните и за другите. Одамна престанале да комуницираат. Во селото има две продавници, една за Македонците, а друга за Албанците. Ниту за леб не се прекршуваат правилата. Сепак, и едните и другите во едно се согласуваат, политиката е виновна за рушењето на нивните односи. (А.Б.) |