Словенците најмногу сакаат да ја видат Македонија во ЕУ
Словенците, од сите земји во југоисточна Европа, најмногу сакаат да ја видат Македонија како член на Европската унија, покажала анкета на „Евробарометар“.
Дури 74 отсто од државјаните на Словенија го поддржуваат понатамошното проширување на ЕУ, од кои 57 отсто рекле дека се убедени оти влезот на државите од Западен Балкан ќе помогне во стабилизацијата на ситуацијата во регионот. Најмногу од испитаниците рекле дека би сакале како нова членка на ЕУ да ја видат Швајцарија, а од државите од југоисточна Европа, најголем број Словенци рекле дека го поддржуваат влезот на Македонија во Унијата. Анкетата на „Евробарометар“ била направена за тоа кои земји од Европа најмногу го поддржуваат ширењето на ЕУ, а кои најмалку. Освен Полјаците, Словенците најмногу се за проширување на Унијата, а на тоа најмногу се противат Австрија и Франција.
За разлика од Полска и Словенија, 63 отсто од испитаниците во Австрија се изјасниле против ширењето на ЕУ, со 60 отсто се Французите, а потоа следуваат Германците со 58 отсто. (П.Р.) |