Мејер: Работничките права мора да се почитуваат
Измени на Законот за работни односи мора да се прават само во консултација со сите синдикати
Работничките права мора да се почитуваат и во приватниот и во јавниот сектори и сите измени на Законот за работни односи мора да се прават во консултации и дискусија со сите синдикални организации во земјата, порача вчера европратеникот Ерик Мејер, известувач за Македонија во Европскиот парламент, по средбата со претставниците на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). „Само преку колективно преговарање и потпишување на колективни договори може да се дојде до добри решенија за работниците“, изјави Мејер, додавајќи дека тие решенија не треба да се донесуваат еднострано, зашто на тој начин нема да бидат во корист на работниците.
Мејер, кој пред два дена разговараше и со Унијата на независните синдикати на Македонија, по двете „синдикални“ средби изјави дека Македонија не е земја со монополска позиција на една Синдикална конфедерација, но затоа владата сите одлуки поврзани со работничките права и колективни одговори мора да ги носи во консултации со сите синдикални организации. Притоа, Мејер потенцираше дека прашањата за заштита на работниците од отпуштање и загарантираната минимална плата, „многу е важно да бидат вклучени во решенијата кои треба да бидат донесени заеднички со владата“.
Претставник на ССМ вчера информира дека средбата со Мејер ја искористиле да го информираат за синдикалното организирање во земјава, за проблемите на синдикалното партнерство, при што биле искажани забелешки за релациите со владата. Мејер бил информиран за предлогот на владата за измени на Законот за работни односи само во делот на репрезентативноста на синдикатот, при што од ССМ му била пренесена забелешката дека „повторно се заобиколуваат партнерите во намерата да се донесе измената на Законот“, како и тоа дека тие измени нема да бидат комплексни, туку ќе бидат само на еден сегмент. Како што информираа од ССМ, доминантно место во разговорите имало и нефункционирањето на Економско-социјалниот совет. (Т.Г.) |