Македонските мировници се вратија од БиХ
Во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец вчера се одржа свеченост по повод успешното завршување на учеството на хеликоптерскиот детачмент на АРМ во мировната мисија АЛТЕА предводена од силите на ЕУФОР во базата „Бутмир“ во Босна и Херцеговина.
Припадниците на хеликоптерскиот ВИНГ, по четири ротации, нагласуваат дека наученото ќе биде од голема корист во наредните мисии. Потполковник Иле Трајков, командир на четвртата ротација, истакна дека АРМ се здобила со симпатии и авторитет за почит.
Во врска со наредбата од Брисел во електронски формат да се симнат македонските симболи од униформите на македонските војници во АЛТЕА, евроамбасадорот Ерван Фуере потенцира дека тој проблем е веќе надминат.
„Македонскиот народ со право може да биде горд на улогата што ја играат војниците во улогата и мисиите во странство. ЕУ многу го цени придонесот на Република Македонија во регионалната стабилност. Се разбира, се случи и голема загуба и не можеме да ги заборавиме оние што трагично загинаа во јануари на враќање од отслужување на мисијата. И мислам дека денеска е добро да се потсетиме дека македонските војници се жртвуваа во име на мирот“, изјави Фуере.
АРМ ќе остане присутна во мисијата АЛТЕА со медицински тимови. Мисијата во БиХ ќе остане запаметена и по трагичниот настан кога 11 македонски мировници го загубија животот во хеликоптерската несреќа на 11 јануари годинава. (МИА) |