ИНТЕРВЈУ
Треба да се разговара само за тоа каква табличка ќе има Македонија во ОН
Сашо Додевски, магистер по меѓународно право
Димитар Чулев
„Не постои македонско-грчки спор околу името, не постојат преговарачи, нема медијатор во ликот на Метју Нимиц... Постои само едно прашање околу кое Грција и Македонија треба да се договорат: какво име да стои на табличката во Обединетите нации пред претставникот на Република Македонија“, вели Сашо Додевски, магистер по меѓународно право на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и коавтор на книгата „Збирка документи на Република Македонија 1990-2005“.
Додевски, кој заедно со Сашо Георгиевски, подолго време ги проучувал сите документи поврзани со разговорите за разликата за името на Република Македонија, која очигледно постои кај Грција, вели дека специјалниот пратеник на генералниот секретар на ОН излегол надвор од својот мандат, ги пречекорил овластувањата и со тоа создава забуна во процесот на договарање меѓу Атина и Скопје.
Можете ли да бидете попрецизен во врска со тоа?
Нимиц е специјален пратеник, а тоа што го нарекуваме медијатор, како што и самиот љуби да се нарекува, претставува проблем. Медијатор не е функција, медијаторството е дипломатска техника. Постои прецизно регулиран мандат на специјалниот пратеник и секое излегување од него ги зголемува проблемите. Нимиц е службеник на ОН овластен од неговиот шеф, генералниот секретар, да се обиде да изнајде решение за разликата за името на државата. И тука точка. Во Обединетите нации службите процениле пред да му ги дадат овластувањата дека проблемот за Република Македонија е под кое име таа ќе членува во ОН, што ќе пишува на табличката на македонскиот претставник во ОН. Само тоа.
Очигледно, на терен работите не се толку едноставни. Се разговара и за други прашања
Метју Нимиц не смее да нуди никакви пакети кои ќе содржат инструкции или насоки, на пример, кој смее и кој не смее да го употребува терминот Македонија и „македонски“, без разлика дали се работи за народот, јазикот, културата, идентитетот...; за тоа какви билатерални односи и под кое име ќе не' именуваат другите држави; дали ќе има или ќе нема промена на Уставот... Тоа е лудост. Тој може да помогне само во изнаоѓање решение за наше именување во ОН.
Грција дефинитивно наметна по ширина и по длабочина поголемо прашање отколку што ова го говорите. Можеше ли Нимиц да одолее на притисоци и што треба да направи Република Македонија?
Нимиц очигледно не одолеал. Што се однесува до Македонија, од самиот почеток при доставувањето на првиот пакет-предлог од Нимиц македонските власти требаше да реагираат кај неговиот претпоставен и да го известат дека тој излегува надвор од мандатот. Ме радува фактот што, барем како што пренесоа медиумите, на една од последните средби на нашите претставници Димитров и Протоѓер, на Метју Нимиц му предочиле во кои точки тој излегува од мандатот. За мене тоа е суштински и историски чекор. Постојат документи, според официјалната документација на ОН, а тоа не е селска задруга, туку сериозна меѓународна институција во кои точно е наведено дека ние и Грција се согласивме или сме се обврзале да разговараме само за името на членувањето на Македонија во ОН.
Но, од Македонија се бара постигнување компромис со Грција и со тоа се условува членството во НАТО и ЕУ?
Според мое мислење, а јас зборувам од научен аспект и врз основа на документација, единствен компромис од страна на Република Македонија која може да го направи земјава е да прифати тоа име што ќе се употребува во ОН и за кое ќе постигнеме согласност со Грција, да се користи и во НАТО и во ЕУ. Значи, табличката од ОН да биде понудена и во НАТО и во ЕУ.
Како ги коментирате предлозите како „северна“, „горна“, „демократска“ со кои се шпекулира како наводно можно идно име на Република Македонија?
Не можам да коментирам. Реков дека ОН имаат една од најпедантните администрации. Специјалниот пратеник Метју Нимиц бил обврзан, доколку имало предлози, сите тие предлози да ги регистрира во Секретаријатот на ОН со што ќе ги официјализира, а со тоа тие ќе станат достапни. Но, со колегата во трите изминати години работа на збирката не најдовме ниту еден извештај на Метју Нимиц поврзан со извршувањето на неговата функција. Значи, не знаеме што предлага. Оттаму, не можам ни да коментирам.
Во дипломатијата, сепак, се' не се става на хартија и не се обелоденува...
Медијаторот е службеник на ОН. Од него се очекува да предложи решение кое би се состоело од една реченица: РМ во ОН ќе членува како... Потоа Советот за безбедност ќе констатира дека земјата која од 1993 година „сообраќа под привременото име „Поранешна Југословенска Република Македонија“ од денеска членува како...“.
Што мислите за писмото на премиерот Никола Груевски до Караманлис и актуализирањето на егејското прашање? Дали тоа ќе претставува дополнителен баласт или пак ќе воспостави некаков баланс во преговорите?
Егејското прашање, како што велите, нема никакви допирни точки со процесот на преговори. Сепак, се плашам дека ќе му се даде таква конотација. Тоа прашање за децата-бегалци и се' поврзано со нив треба да го решаваат двете страни билатерално, но Обединетите нации и Метју Нимиц со ова немаат никаква врска. Сметам дека грчките закани и застрашувања дека тоа ќе му наштети на процесот нема никаква меѓународна правна основа. Македонија треба да инсистира на тоа какви обврски преземаат двете страни пред да ги почнат разговорите и да инсистира на тоа што е поврзано со името, а што е се' друго што се накалемува на тоа. Доколку го направиме тоа, нема да трошиме енерги��а за претпоставки какви и дали ќе имаме нови пасоши, идентитет, устав итн.
Министерката Дора Бакојани се закани со вето во ЕУ исто како она во Букурешт доколку Македонија не попушти.
Уште една непрецизност. Во Букурешт немаше вето. Одлуките во НАТО се донесуваат или со консензус или со гласање. Со консензус беа поканети Албанија и Хрватска, а Шефер едноставно не ја спомна Македонија во тој контекст, не се гласаше ниту, пак, Грција стави вето на одлука на другите членки кои, ете, гласале за прием на Македонија. Тука од стручен аспект би им забележал и на политичарите и на медиумите кога непрецизно ги користат термините. Меѓутоа, и тоа е дел од непостоењето на една култура да се употребува литература, документи, архивска граѓа каде што се' е точно набележано.
Прилично сте оптимистичен, па и сигурен околу тоа во кој правец и на која адреса треба да се бара решението на името?
Имено, морам да ве потсетам дека Обединетите нации не се само организација која се грижи за меѓународниот мир, безбедност и слично, туку и организација која се грижи за зачувување на малите идентитети и култури во светот. Знаејќи го ова, апсурдно е еден службеник на ОН да дава предлог со кој ќе се доведе во прашање идентитетот на земја-членка на ОН. Пример за тоа е мартовскиот предлог на Нимиц, некаде пред самитот, каде што, ако точно пренесоа медиумите, специјалниот пратеник во предлогот содржела и една точка во која се вели дека „никој нема право да го користи терминот Македонија кога тој стои сам“. Тоа е апсурд. Тоа е против принципите на ОН. |