Големи искушенија за новиот министер за образование
Никола Тодоров вели дека ќе ги покаже своите менаџерски способности
Жаклина Хаџи-Зафирова
Новиот министер за образование и наука, Никола Тодоров, е сериозен во своите намери да не изгуби ниту еден ден на новата функција, што го покажа неполни дваесет и четири часа по именување. Уште во саботата седна на се' уште „неоладената фотелја“ на неговиот претходник Перо Стојановски и ги засука ракавите. Имаше средба со неговиот претходник, Стојановски, а неговите консултации со вработените во Министерството продолжија и вчера.
Но, колку ваквата динамика ќе му помогне на младиот и амбициозен Тодоров, кого на шега го споредуваат со легендата на акционите филмови, Стивен Сигал, поради неговите карате вештини, за кои се пофали уште на првата средба со новинарите. Тодоров од Стојановски наследи не само еден од најпроблематичните сектори во Владата, туку и најгорливите проблеми каде што се судираат етничките прашања, што се покажаа како кобни за Стојановски. Тој најавува дека на дело ќе ги покаже своите менаџерски способности, па прв зафат во Министерството ќе му биде да ги организира секторите.
Што се' го чека Тодоров, кој во јавноста се прочу, пред се', како син на генералниот секретар на Владата, Стојан Тодоров, кој, исто така, поднесе оставка? На министерската маса ќе го чека петицијата на родителите Албанци, кои безусловно и надвор од законот бараат 260 ученици да се запишат во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ без квалификационо тестирање, за што би се формирале вишок паралелки. Од новиот министер ќе се очекува да го разреши јазолот со поставувањето на новиот ректор на Државниот универзитет во Тетово, кој не е признат од досегашното раководство, па на универзитетот функционираат двајца ректора. Ова, ДУИ, му го припишуваше како грев на сега веќе ексминистерот Перо Стојановски, па затоа и се бараше негова одговорност.
Уште еден минус во работата на Стојановски, како што се шпекулира, била и очекуваната изградба на новото средно училиште во Струга, со што конечно би се решила меѓуетничката тензија во училиштето „Нико Нестор“. Тодоров го наследи Министерството во услови кога јавноста очекува да види каква е визијата на Министерството со реализацијата на веронауката, односно како ќе се реализира новиот предмет етика на религии, кој ја замени веронауката откако падна на Уставен суд. Но, и што ќе се прави со екстерното тестирање, кое ја доживеа истата судбина и заврши неуспешно како и веронауката.
Во една ваква жешка атмосфера, новиот министер не сака да размислува за политика, која неговиот претходник ја наведе како главна причина поради неговата оставка, бидејќи, како што рече, не успеал да ја тргне од училиштата.
„Судирот на политичките концепти треба да се извади од дворовите. Треба да има судир на концепти, но не на грбот на учениците“, и��јави вчера за „Утрински весник“ новиот министер Тодоров. Вели дека надвор од законот не би потпишал никаква одлука без разлика дали е таа политичка или не, што секако ќе биде интересно да се види со оглед на тоа што, без исклучок, горливите прашања во образованието се покажаа дека се со политичка заднина.
Како министер прв чекор ќе му биде да се постави добра организација во Министерството и да формира нови тела, кои досега не биле формирани. „Организацијата е мајка на сите успеси и неуспеси. Прво мора да се постави здрава организација на работите, која ќе функционира беспрекорно. Ќе се фокусирам на управувањето, бидејќи мислам дека квалитетот на одлуките зависи од квалитетот на управувањето“, објаснува Тодоров, додавајќи дека приоритет ќе му биде приспособувањето на македонското со европското законодавство во делот на образованието.
Поради претходните ангажмани во скопски Катастар, и сега како министер, жали што не може вистински да му се посвети на спортот. А од спортските дисциплини најомилени му се карате, ватерполо и кошарка, кои ги вежба уште од мали нозе. Носител е на црн појас во карате, а во 2006 година освоил златен медал во дисциплината џуџицу на Светскиот куп во Италија.
Дебитирањето на Тодоров во македонската јавност беше неуспешно. Со исмевање беше дочекана неговата биографија во Собранието, напишана и на латиница и на кирилица, што тој го објаснува како компјутерска грешка. Посебно внимание во неговата биографија предизвика тоа што Тодоров навел дека има завршено средно образование и возачка дозвола „Б“ категорија.
За причините за заминувањето на Стојановски, за кого вели дека се блиски, не сака да зборува, но додава дека ги разбира неговите причини. Ексминистерот во Собранието не ја образложи оставката, а не им даде објаснување ниту на новинарите, кои беа затекнати од неговиот потег. Пред неполна седмица тој тврдеше дека „обврските во неговиот сектор се толку големи што тој нема време да размислува за оставка“. Но, се покажа дека не било така. |