Снема боја за оградата на мостот „Гоце Делчев“
Во ЈП „Улици и патишта“ чекаат 260 литри окер боја, која за нив деновиве се произведува во „Алкалоид“
По речиси повеќе од еден месец пауза Јавното претпријатие „Улици и патишта“ најавува дека од понеделник ќе продолжат работите на бојадисување на металната ограда на мостот „Гоце Делчев“. Според надлежните од претпријатието, до застој во работите дошло затоа што снемало окер боја. Беше бојадисан само мал дел од оградата од едната страна на мостот и потоа работите запреа. Првите луѓе од претпријатието тврдат дека не станува збор за непланско работење, туку дека по налог од Градот им биле доделени некои други задачи, кои биле приоритетни за завршување. Пред тоа, пак, се чекаше смената на градоначалници, немаше потписник и се' тоа ги оддолжи работите, додаваат. Сега, велат од претпријатието, им се подготвува окер боја во „Алкалоид“ и од понеделник вработените ќе ги продолжат работите на прекривањето на металната ограда на мостот со нова боја. Зафатите ќе траат три-четири дена. Ќе бидат набавени 260 литри окер боја, со која ќе треба да се прекријат 530 метри квадратни ограда од двете страни на мостот.
„Веќе две седмици нашите вработени се зафатени со бојадисување за потребите на трките на Водно и за велосипедската трка низ градските сообраќајници. Исто така, изминативе денови со црвена и со бела боја се бојадисуваше велосипедската патека од булевар „Србија“ во Ново Лисиче до населбата Влае. На тој потег се пребојадисуваат и делови од автобуските постојки. Приоритет беше и бојадисувањето на хоризонталната сигнализација на градските сообраќајници, а се' тоа бараше и време и луѓе да му се посветат, тврди Иван Ставрев, заменик-директор во ЈП „Улици и патишта“. (Сн.К.) |