Терорист уби 31 лице на московскиот аеродром
Москва - Триесет и едно лице загина во експлозијата, што одекна на московскиот аеродром Домодедово, а 130 лица се ранети, соопшти Министерството за социјален развој на Русија.
Експлозијата, што одекна вчера во 16:32 часот по московско време во зоната каде пристигнуваат патниците од меѓународните летови, според оперативците од Федералната служба за безбедност (ФСБ) на Русија е терористички напад.
Според првичните информации бомбата била активирана од терорист камиказе. На аеродромот се испратени дополнителни сили на Министерството за внатрешни работи и на ФСБ. Зајакнати се мерките за безбедност на сите московски аеродроми.
Летовите на најфреквентниот московски аеродром доцнат. По експлозијата, на патниците кои ја минале регистрацијата, не им се дозволува да влезат во зоната за пасошка контрола.
Зоната каде пристигнуваат патниците од меѓународните летови е блокирана од полицијата. Патниците, кои излегуваат од зоната за земање на багажот, каде одекна експлозијата, се замолени итно да го напуштат аеродромот. (МИА) |