„Хомосексуални лекции“ по математика и географија
Статистика да се учи преку податоци за процентот на хомосексуалци во популацијата
Децата ќе учат за хомосексуалноста на часови по математика, географија и наука како дел од обидот, поддржан од Владата, да „се прослави хомосексуалната заедница“. Плановите за настава се подготвуваат за ученици уште од четиригодишна возраст во рамките на иницијативата финансирана со грант од 35.000 фунти, од образовна невладина квазинезависна организација - Агенција за обука и развој за училиштата. Иницијативата официјално ќе започне следниот месец, на почетокот од „ЛГБТ месец на историјата“ - иницијатива да се поттикне настава за лезбејството, хомосексуалноста, бисексуалните и транссексуалните прашања. Плановите за тие лекции, дадени во наставниот план, ќе им бидат понудени на сите училишта, кои можат да избираат дали ќе ги користат. Меѓутоа, критичарите сметаат дека иницијативата значи слабо искористување на јавните пари, што би можело да го одвлече вниманието од учењето на „основните“ предмети.
Математика - учење статистика преку податоците од пописот за бројот на хомосексуалци во популацијата и користење хомосексуални ликови во сценарија за математички проблеми;
Дизајн и технологија - поттикнување на учениците да прават симболи поврзани со движењето за правата на хомосексуалците;
Наука - изучување на животинските видови каде што мажјакот презема водечка улога за одгледување на младите, како што се кралските пингвини и морски коњчиња и организирање дискусии во класот за различни семејни структури, вклучувајќи и родители од ист пол;
Географија - испитување на трансформацијата на квартот Кастро во Сан Франциско од 1960-тите години, од ирска област на работничката класа во прва „хомосексуална населба“ во светот, и размислување зошто хомосексуалците се преселуваат од селата во градовите;
Јазици - користење на хомосексуални ликови во драмски сценарија и учење на „ЛГБТ речник“.
Плановите за часовите, напишани од наставниците и поддржани од Одделот за образование, ќе бидат достапни за училиштата и ќе можат да ги симнат од веб страницата на „Скулс аут“. За помалите ученици, во плановите се предлага користење на слики на двојки од ист пол, и, исто така, промовирање на книги како што се „И танго се игра во тројка“ која се однесува на два пингвини - мажјаци кои одгледуваат мало пиле, инспирирано од вистински настани во Централната зоолошка градина во Њујорк.
Организацијата „Скулс аут“, која ја води едномесечната иницијатива, објави на нејзината веб страница дека целта е да се „прослават животите и достигнувањата на заедницата ЛГБТ“ и „да се поттикнат сите да ги гледаат диверзитетот и културниот плурализам како позитивни сили“.
Сепак, Крег Витакер конзервативен пратеник на Калдер Вели и член на Селективниот комитет за образование, смета дека тоа е бесмислено: „Имаме доволно проблеми во нашата земја, и на националните компаративни листи по основните предмети котираме многу ниско. Наставниците треба да се концентрираат на предавање на основните предмети, за да бидеме повторно најдобри по тие предмети. Не гледам како воведувањето на темите ЛГБТ во тие предмети ќе ни помогне. Тоа не значи да се биде хомофобичен бидејќи има и други шеми во образовниот систем што ја поддржуваат агендата ЛГБТ“.
Дејвид Воткинс, наставник инволвиран во иницијативата, вели: „Не сакаме наставниците да почнат да зборуваат ’ова е хомосексуална лекција’. Едноставно сакаме лекции во кои не се игнорира дека постојат лезбејки и хомосексуалци кои страдаат од проблеми и прашања. Кога постои математички проблем, зошто треба да биде инволвирано нормално семејство или момче и девојка? Зошто не две момчиња или две девојки? Не станува збор за учење за хомосексуалноста, туку за имиџот и експонирањето на децата на идејата дека постојат и други видови луѓе“. (Телеграф) |