Селани од Срем им помогнале на Кинезите да направат стелт
Кинезите ја откриле формулата за стелт од бојата на соборениот невидлив авион „Ф-117“
БЕЛГРАД - Кинезите откриле тајна формула на бојата и конструирале невидлив авион користејќи, меѓу другото, во нивното опсежно истражување, остатоци од авионот „Ф-117“ што го собори во Срем во 1999 година 250. противракетна единица на тогашната Војска на СР Југославија.
Делови од разнесениот авион тогаш не беа третирани како скапоцен воен плен што може доходовно да се експлоатира, туку во општото славење, додека на остатоците од леталото свиреше хармоникаш, од теренот ги земаше кој како што сака и колку што може да земе. „Ги земаа не само Кинези, туку сите што сакаа да земат. Русите добија речиси цело крило“, тврди за „Блиц“ Милован Аздејковиќ, тогашен шеф на Отсекот за експлозив на Военотехничкиот институт. И жителите на околните села ги разнесуваа остатоците како сувенири, а подоцна ги препродаваа од 20 до 50 марки, додека Ромите тргуваа со обичен челичен отпад.
Што можеа да искористат Кинезите? Податоците за специјалната боја на невидливиот авион ���Ф-117“, која впива радарско зрачење во најголем степен и го одбива во многу насоки, се најзначајните информации што можеа да ги добијат кинеските инженери од Србија, од авионот соборен во Буѓановци. Очигледно, за тоа не им биле потребни разузнавачки информации добиени од српските офицери, туку, како што тврдат соговорниците на „Блиц“, до нив дошле со помош на деловите од собореното летало, кои српските селани ги имале на претек.
„Сигурен сум дека во тоа време имаше Кинези што откупуваа делови од соборениот стелт. Сознанието за тоа како е направена бојата можеше подоцна да биде многу интересно и значајно за кинеските инженери, кои правеа невидлив авион“, вели за „Блиц“ Зоран Кусовац, геостратешки аналитичар на информативната група „Џејн“. Кусовац објаснува дека во стелт-технологијата најважна е токму бојата, и дека најчувани податоци се оние за технологијата на нејзино производство. Тој вели дека податоците за бојата што се користи за стелт-авиони не се доволно познати, дури и откако Американците во добар степен ја обелоденија технологијата до која дојдоа во осумдесеттите и деведесеттите години од минатиот век. (Блиц) |