Број 3375  сабота, 04 септември 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил

Site Meter
Економија

Лозарите ќе блокираат сообраќајници, визби...

Производителите тврдат дека се оставени на цедило,
бидејќи министерот Димовски се дистанцирал од проблемот

Ангел Данов


Кисел и тежок гроздобер во Тиквешко. Вака накратко може да се опише состојбата во најголемиот лозарски регион - Тиквешкиот, на стартот на новиот гроздобер, откако претставн��ци на лозарите не донесоа убав абер од завчерашната средба во Министерството за земјоделство. Состанокот се одржа меѓу министерот Љупчо Димовски, лозари и претставници само на неколку помали винарски визби.

Лозарите велат дека се оставени на цедило. Министерот кренал раце од решавањето на проблемот на лозарите и ќе им закажел нова средба со визбите во понеделник, за тие сами да си го решеле проблемот, обвинуваат производителите на грозје. Тие се лути зашто првиот човек на ресорот земјоделство не прифатил ниту еден предлог што го дале лозарите, па затоа прашуваат каква смисла би имале идните состаноци, кога грозјето е зрело за берба и гроздоберот е почнат.

Според писмениот допис од „Агротиквешија“, тие барале Министерството за земјоделство да предложи, а Владата да прифати откуп на 50 милиони килограми грозје за државни резерви, во согласност со член 37 точки 1, 2 и 4 од Законот за земјоделство. Ваквиот предлог за министерот Димовски бил неприфатлив. Лозарите предлагаа парите што им ги нуди Владата на визбите, во висина од четири милиони евра, да се наменат за откуп на 25 милиони килограми ��инско грозје или околу 15 милиони литри вино за државни резерви.

Неприфатлив за министерот бил и предлогот од лозарите – „кратошија“ да се откупува по 13 денари, „смедеревка“ за 10, а висококвалитетните грозја за 16 денари. Димовски не сакал да го прифати ни предлогот фирмите што ќе откупат винско грозје да се субвенционираат со 1,5 денари за килограм. Исто така, неприфатлив бил и предлогот за субвенции на мали семејни винарски визби.

Лозарите, кои беа на средба во Министерството за земјоделство, се огорчени од министерот, кој одбил да се почитува и спроведува Законот за земјоделство, особено во делот на цените за грозје, исплата и сортимент. Од „Агротиквешија“ велат дека Димовски рекол оти законите биле за да се покажат пред ЕУ, а не да се спроведуваат.

За производителите на грозје зачудувачка била изјавата на состанокот на директорот на винарска визба од Валандово дека цената на винското грозје морала да се намали во споредба со ланската. По ваквата изјава на состанокот дошло до тешки и бурни расправии, па малку недостасувало да дојде до инцидент.

Лозарите, поради лошата состојба што ги очекува, најавуваат штрајкови, блокада на сообраќајници, винарски визби, но и на просториите на Министерството за земјоделство. Здружението на лозари „Витис“ од Неготино веќе најави дека ќе одржи протест в недела, пред капиите на винарската визба „Повардарие“ и на регионалниот пат Штип - Неготино, кој ќе трае се' до исполнувањето на нивните барања, а тие се враќање на откупните цени на ниво од 2008 година, плаќање на откупеното грозје од 2009 година во рок од седум дена и потпишување договори за откуп во согласност со Законот за земјоделство.

На вчерашната средба во винарската визба „Повардарие“ во Неготино меѓу лозарите и претставници од локалната самоуправа и раководниот тим на визбата, било понудено последната рата за грозјето од ланската реколта да се исплати в понеделник, а лозарите кои во последните две години го предале грозјето во неготинскиот подрум, да имаат предност во откупот. Од раководството им било речено дека ќе се откупат 30 милиони килограми грозје, колку што е и капацитетот на визбата, а се почнува со откупот на „шардоне“, „совињон“ и „црн бургундец“ по цена од осум денари за килограм. Откупот ќе се одвива по претходно утврден список, по региони, а дневната динамика ќе биде од 700 до 800 тони дневно. Од визбата им рекле дека барањето да се исплатат 30 отсто од предаденото грозје за 15 дена не може да се реализира, затоа што немало реални услови за тоа и оти првата рата за новата реколта ќе ја добијат до Нова година. Неготинските лозари побараа „Повардарие“ да го собере прво родот од Неготинско, а потоа да откупува грозје од Кавадарци.

Визбата им понудила на лозарите да им го преземе долгот што го имаат кон земјоделските аптеки. Лани само од Неготинскиот регион „Повардарие“ откупила седум милиони килограми винско грозје.


#
Статијата е прочитана 932 пати.

Испрати коментар


Најди! во Утрински
Економија
Засилена Комисијата за заштита на конкуренцијата
Мелничарите биле виновни за скапото брашно
„Фејсбук“ ги мами вработените, шефовите не го сакаат
Специјална агенција ќе ги снима европските банки
Расте албанскиот трговски дефицит
Монетарците поголеми оптимисти од Папандреу
„Бургер кинг“ продаден за 3,26 милијарди долари
Словачка бара банкрот за презадолжените земји
Балканските земји последни ќе излезат од кризата