Расте албанскиот трговски дефицит
Тирана - Се продлабочува трговскиот дефицит на Албанија. Тој во јули годинава изнесувал над 220 милиона евра. „Трговскиот дефицит бележи раст од 27,5 отсто споредено со јуни годинава, односно 14,5 отсто споредено со ланскиот јули. Тоа е последица на видно зголемениот увоз наспроти извозот“, изјави Алма Мара од државниот Институт за статистика.
Според Мара, најголем пад бележи извозот на електрична енергија. „Извозот во групата кожа и производи од неа бележи раст од 46 отсто, текстил и обувки 7,8 отсто, додека извозот во групата минерали - запаливи средства и електрична енергија има пад од 46,1 отсто. Увозот на градежни материјали се зголемил за 30,4 отсто, исхраната, пијалаците и тутунот за 20,8 отсто, додека производството на дрво и на хартија за 16,5 отсто“, изјави Мара.
Во текот на јули е остварена трговска размена во вредност од 40 милиони евра. Албанија 65,6 отсто од трговската размена остварува со земјите од ЕУ. Италија и Грција и натаму остануваат главни трговски партнери на таа држава. (МИА) |