Специјална агенција ќе ги снима европските банки
Брисел - Државите-членки на ЕУ и на Европската комисија постигнаа договор за спроведување реформи во финансискиот надзор, во чии рамки е предвидено и основање агенција, која од наредната година ќе ја надгледува работата на банките, осигурителните компании и финансиските пазари.
Планот, кој пред да стапи во сила треба да биде одобрен од министрите за финансии на земјите на ЕУ, секој�� членка одделно и од Европскиот парламент, е изработен откако во јули стапија во сила големите реформи на Волстрит, што ги одобри американскиот претседател Барак Обама.
Брисел и Вашингтон се надеваат дека спроведувањето на овие планови во Европа и во САД ќе придонесат за спречување нови финансиски кризи.
„Постигнавме клучен политички консензус за воспоставување на европската рамка за финансискиот надзор“, изјави по постигнувањето на договорот, европскиот комесар за внатрешен пазар и услуги, Мишел Барние.
Тој истакна дека новата агенција на ЕУ ќе претставува „контролна кула и радарски екран“, потребни за препознавање на ризикот, како и средство за подобра контрола на финансискиот сектор и за брза кооориднирана и правовремена акција. Договорот, исто така, вклучува и формирање европски одбор за системски ризик.
Доколку планот биде ратификуван во следните месеци, ЕУ се надева дека новата агенција ќе биде основана во јануари 2011 година. (МИА) |