Москва ладна за еуфоричните изјави на Обама
Медведев смета дека е добро што САД сфатија дека полека минува времето на „еднополарниот свет“
Од нашиот дописник Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Сугестиите на американскиот претседател Обама дека не само САД, туку и НАТО, треба да ги подобрат односите со Русија, во Москва ги сфатија како добар сигнал, но поучени од досегашната практика никој не брза да зборува за некакво затоплување на односите. За Русија вистински и искрен доказ за подобрување на односите ќе биде ако НАТО навистина се откаже од приближувањето кон руските граници, а Америка го замрзне својот многу фален објект ПРО. За разлика од некогашните лидери Михаил Горбачов и Борис Елцин, кои еуфорично ја прифаќаа секоја оптимистичка изјава од Вашингтон, Путин и неговиот наследник Медведев се навистина воздржани и очекуваат реални резултати. Во Москва не кријат дека се против трката во вооружување и постојано повторуваат дека се за широка, но рамноправна соработка. И Путин и Медведев повеќепати зборуваа дека светот се заморил од „еден газда“. По заседавањето на Генералното собрание Медведев им рече на своите новинари „дека е добро што и во Америка сфатија дека дојде крајот на еднополарниот свет“.
Рускиот амбасадор во НАТО, Дмитриј Рогозин, вели дека новата соработка меѓу Русија и НАТО треба да почне од заедничка анализа и оцена на новите опасности во светот. Не станува збор само за развој на ракетна техника и ширење тероризам, туку се појавуваат и нови места кои во иднина можат да бидат жаришта на судири.
Дмитриј Рогозин предупредува дека Арктикот може да биде место за расправии, бидејќи во неговата поделба уште сега има многу заинтересирани земји, кои сметаат дека им припаѓа дел од богатството што се крие под дебелите санти мраз. Во борбата за енергетски ресурси може да дојде и до комплицирање на ситуацијата меѓу земјите, кои уште сега ги покажуваат своите амбиции.
Во Москва се свесни дека кормиларот на НАТО-пактот не седи во Брисел, туку во Вашингтон, и оти од американското раководство зависи колку ќе бидат „бучни“ оние што меѓу последните влегоа во тој воен сојуз. Поранешните социјалистички земји, некогашните членки на Варшавскиот пакт, сега често се во првите „ровови“ на пропагандното војување со Русија. Руските генерали не обрнуваат големо внимание на тие напади, бидејќи се свесни дека кога газдата, наедно и диригент во Вашингтон, ќе рече да се замолчи сите ќе почнат да ги менуваат нотните белешки. Русите имаат своја поговорка: „Ако газдата има куче, тогаш тој сам не мора да лае“. Затоа во Москва повеќе се концентрираат да го слушаат диригентот на НАТО во Вашингтон, отколку што зборуваат новопечените натовци.
Во Русија се надеваат дека веќе првата скорешна посета на новиот генерален секретар на НАТО во Москва ќе покаже во која насока ќе тргнат промените и колку тие навистина ќе бидат суштински.
За Москва е многу важно што поранешниот американски претседател Буш не успеа експресно да ги прими Украина и Грузија во НАТО. Рускиот амбасадор во НАТО, Дмитриј Рогозин, вели дека шансите Украина и Грузија сега да станат членки на НАТО се еднакви на паѓањето на некоја комета на Земјата. Според Рогозин, воениот потенцијал на Грузија и на Украина е еднаков на нула, а покрај тоа Брисел не сака да се меша во внатрешните расправии на спомнатите две земји.
Дали НАТО и Русија навистина ќе почнат сериозно да соработуваат ќе се види уште наредните месеци. Досегашната соработка беше симболична и објективно незначајна. Заедничките штабни игри руските генерали ги доживуваат како исмевање. Двете воени машини се прескапи. НАТО својата ефикасност ја тестира во Авганистан, а какви се резултатите е добро познато. Ако навистина се случи Русија да престане да биде воено страшило раководството на НАТО се' потешко ќе може да објаснува зошто се трошат големи пари за одржување на илјадници тенкови и авиони, кои можеби никогаш нема да бидат употребени во вистинска војна. |