Островите Самоа пак се тресеа
ЛЕОНЕ - Нов земјотрес беше почувствуван во близина на островите Самоа, област веќе погодена од земјотрес и цунами. Земјотресот со јачина од 5,5 степени беше почувствуван во средата во 18,13 часот, според Американскиот геолошки центар. Епицентарот на земјотресот бил на десет км длабочина во Пацификот, на околу 1.194 км оддалеченост од градот Апија, Самоа.
Земјотресот не активира аларм за цунами, според Центарот за предупредување од цунами на Пацификот. Ова се случи откако земјотрес со јачина од осум степени погоди мала група острови на Самоа во вторникот предизвикувајќи цунами и оставајќи зад себе повеќе од сто загинати. Во тек се големи напори за испраќање помош на островите Самоа.
Американскиот претседател Барак Обама се осврна на несреќата во средата во Вашингтон. „На ова треба да се одговори со помош“, изјави тој. „Прогласив елементарна непогода за да се забрза распоредувањето на ресурсите и ФЕМА... Соработува со спасувачите на теренот, а крајбрежната стража е во состојба на готовност да обезбеди моментна помош за погодените.
Ние, исто така, сме подготвени да им помогнеме на нашите пријатели во соседна Самоа и низ регионот, продолжуваме внимателно да ја следиме ситуацијата и голем број луѓе, кои беа погодени од оваа трагедија ги носиме во мислите и ги спомнуваме во молитвите“, изјави Обама. Потврдена е смртта на најмалку 111 лица. Од нив 22 загинаа во Американски Самоа, 82 во Самоа и седум во Тонга, според официјалните лица од островите. (Си-Ен-Ен) |