Париз и Берлин ја маргинализираат Велика Британија
Обновената француско-германска оска има цел да го истурка Лондон на периферијата на ЕУ
Планот, според лондонски „Тајмс“, ја користи ситуацијата во Велика Британија, каде што е забележано ослабување на позициите на премиерот Гордон Браун
Лондон - Франција и Германија планираат склучување нов договор за пријателство и серија други проекти, со цел да ја истуркаат Велика Британија кон периферијата на Европа, пишува британскиот весник „Тајмс“, цитирајќи извори блиски до францускиот претседател Никола Саркози.
Планот, според кој Париз и Берлин треба да застанат во центарот на Европската унија, се однесува на одбраната и на имиграцијата и вклучува нова индустриска политика, која има цел да ја ослабне доминацијата на Велика Британија во Европската комисија, додава весникот.
Според „Тајмс“, обновената француско-германска оска може да вклучи назначување на постојани министри од секоја земја во владата на другата. Планот, додава весникот, ја користи ситуацијата во Велика Британија каде што е забележано ослабнување на позициите на премиерот Гордон Браун.
„Премиерот е зафатен со парламентарните избори следната година и со одлуката на конзервативците да ја напуштат главната десноцентристичка Европска народна партија, пишува весникот.
Планот што е во напредна фаза, додава „Тајмс“, ќе се реализира по референдумот во Ирска за Лисабонскиот договор, независно од исходот на гласањето.
Дипломатски извори тврдат дека една од последиците од зделката, склучена тајно со учество на сите клучни министерства во текот на пролетта, веројатно ќе биде повлекување на француско-германската поддршка за Тони Блер, кој се спомнува како евентуален прв претседател на ЕУ. (МИА) |