Свет
Кина одбележа 60 години комунизам
ПЕКИНГ - Кина вчера ја прослави 60-годишнината од комунистичката власт, со воена парада и раскошни церемонии на плоштадот Тјенанмен во Пекинг, прикажувајќи ја преродбата на земјата како глобална сила. Илјадници војници маршираа во збиени формации, борбени авиони надлетуваа над градот, а најголемата војска во светот го прикажа најсофистицираното оружје, вклучувајќи нови интерконтинентални балистички ракети на патриотската демонстрација на сила.
Претседателот Ху Џинтао го воздигнуваше повторното раѓање на државата, предводена од Комунистичката партија, во говорот пред поканетите гости на влезот на плоштадот Тјенанмен, каде што Мао Цетунг го прогласи основањето на Народна Република Кина на 1 октомври 1949 година. „Развојот и напредокот на нова Кина во последните 60 години целосно докажа дека само социјализам може да ја спаси Кина и дека само реформи и отворање можат да обезбедат развој на Кина, социјализмот и марксизмот“, изјави Ху пред присутните.
Комунистичкото преземање од 1949 година, предводено од Мао, значеше крај на годините на странска доминација и војни, додека тридецениските економски реформи, иницирани од починатиот лидер Денг Ксијаопинг ја збогатија Кина и ја вратија во редот на светските сили. Државните медиуми јавија дека авионите би можеле да употребат хемиски средства за растерување облаци за да спречат дожд што би ги расипал прославите, иако за време на парадата небото беше чисто. (АФП) |