Битолската канализација ќе поскапи за 48 отсто?
ЈП „Нискоградба“ од Битола тоне во долгови, па оттаму и најавите за поскапување на неговите услугите
Битола - Дали по ланското поскапување на водата за пиење и комуналиите, за битолчани ќе поскапат и сметките за канализација? Јавното претпријатие „Нискоградба“ од Битола тоне во долгови, па оттаму и најавите за поскапување на неговите услугите за дури 48 отсто.
Откако во 2009 година во Битола поскапе водата најпрво за 120 проценти, а потоа за 80, битолчани го стегнале ременот и почнале да штедат на водата за пиење. Лани ЈП „Водовод“ пресмета за 10 отсто помала потрошувачка на вода за разлика од изминатите години.
ЈП „Нискоградба“, пак, за минатата година покажа загуба од 23 милиони денари. Што е уште полошо и во програмата за оваа година претпријатието најавува проблеми со финансиите, исто така со милиони денари.
,,’Нискоградба‘ покажува катастрофални резултати, најлоши во последните десет години, како во остварувањето на вкупниот приход од 72 милиона денари, така и во рекордната загуба од 23 милиони денари. Тоа е загуба од 32 процента од вкупниот приход. Што е уште полошо, претпријатието во програмата за оваа година планира загуба од 11 милиони денари“, обвини Валентин Груевски, советник од Либерално-демократска партија во Битола на последната седница на Советот што се одржа деновиве.
Опозицијата критикува дек�� цената за лошото менаџирање на власта со јавните претпријатија во градот ја плаќаат граѓаните. Загубите во работата на „Водовод“ и „Комуналец“ удрија по џебот на битолчани. Истото сценарио сега се крои и за поскапувањето на сметките за канализација.
,,Дали во вашиот план за оваа година стои барањето за зголемување на цената на сметките за канализација за безмалку 50 отсто?“, праша Златко Ќурчиевски, советник од редовите на СДСМ.
Од „Нискоградба“ убедуваат дека имаат полни раце работа, дека голем дел од тендерите на Општината за реконструкција на улиците тие ќе ги сработат и дека станува збор за работа од 100 милиони денари. Но, во исто време сметаат дека поскапувањето е неизбежно.
,,Сите сме свесни дека една цена не може да биде вечна. Ако од 1999 година не се покачила само цената на сметката за ’Нискоградба‘, а за другите јавни претпријатија имало поскапување на услугите за 50 до 100 отсто, значи дека еден ден сигурно ќе биде тема на разговор и зголемувањето на цената на услугите што ги дава ова ЈП. Но, сега засега ќе бараме други решенија“, вели Кире Крстевски, директор на ЈП „Нискоградба“ во Битола, кој како една од можностите за намалување на долгот на „Нискоградба“ ја гледа во преземањето на погребалните услуги во Битола.
На удар на опозицијата се најде и работата на битолски „Водовод“. И покрај поскапувањето на водата за пиење и задолжувањето со кредити, според опозицијата претпријатието за лани не покажало позитивни резултати во работата. Директорот Зоран Илиоски се правдаше дека со зголемувањето на цената на водата постигнале голем ефект кај граѓаните и ги освестиле дека водата треба да се штеди.
„Со зголемувањето на цената граѓаните станаа свесни за значењето на водата и таа работа се случи. Можете да видите во физичкиот обем на произведена вода во 2010 година дека имаме намалување за 10 отсто. Луѓето сфатија дека таа вода треба да се штеди, а не да тече попусто низ чешмите“, констатира Илиоски. (А.Б.) |