Португалците се посакувани инвеститори, но ги нема
Има простор за зголемување на малата трговска размена меѓу Македонија и Португалија, која на годишно ниво изнесува 23 милиони евра. Производи од македонскиот текстил и градежништво, но и од другите конкурентни гранки треба што поскоро да се најдат на португалскиот пазар, за што ќе помогнат директни контакти и средби на бизнис-заедниците. Вакви оцени беа изнесени на деловните средби и на презентациите во рамките на промотивниот ден на Португалија што се одржа во Стопанската комора на Македонија. Компании од градежниот сектор и инжинеринг - членки на Трговската комора на Португалија - Западен Балкан, изразија интерес за соработка со македонски компании за учество во проекти финансирани од европски фондови и за заеднички настап на трети пазари.
Стопанствениците ги анализираат причините за незадоволителното ниво на економските односи, наспроти дипломатските што се оценети како исклучително добри. „Не е прашање само на настапот на домашните фирми, туку и на португалските “, изјави Горан Рафајловски, претседател на Регионалната стопанска комора Скопје при СКМ.
Според него, ниската соработка се должи, пред се', на помалиот интерес на португалските компании да инвестираат во Македонија, поради далечината, но и фактот дека се најголеми инвеститори во Бразил, а во Европа воопшто не се познати по инвестициите. (Ек.Р.) |