Тутунарите бараат повисоки откупни цени
Откупот на тутунот ќе почне во законски определениот рок - 15 ноември. Сите предуслови за успешен старт се исполнети, но производителите не се задоволни од откупните цени, кои се исти како лани. Годинава, велат, производните трошоци се драстично зголемени, а и реколтата е исклучително квалитетна.
„Според најавите на откупувачите, преземањето на тутунот ќе почне в понеделник. Бараме цените да се зголемат и во просек да и��несуваат 190 денари или 250, 200 и 170 денари за прва, втора и за трета класа, за разлика од минатата година кога беа 208, 162 и 123 денари. Нашите трошоци годинава многу пораснаа. Наемнината достигна од 100 до 120 денари од час, а лани беше 70 денари“, изјави претседателот на Сојузот на здруженијата на тутунопроизводители, Данчо Милевски.
Производителите очекуваат да биде откупено целото производство, кое се проценува на околу 25.000 тони. Задоволни се од владините субвенции и, како што напомена Милевски, благодарение на тоа продолжиле да одгледуваат тутун со ист интензитет. (МИА) |