Ветеранката Крум ја шокира Шарапова
Четириесетгодишната Јапонка ја исфрли бранителката на трофејот на стартот во Токио
Еден ден пред да наполни 40 години, Јапонката Кимико Дате Крум ја исфрли бранителката на трофејот Марија Шарапова уште во првото коло на „Пан пасифик опен“ во Токио. Дате Крум оствари шокантна победа од 7-5, 3-6, 6-3 против поранешниот светски рекет број еден од Русија, која пропушти три топки за водство од 4-2 во решавачкиот сет.
„Знаев дека треба да одиграм најдобро против бранителката на трофејот и тенисерка што била број еден во светот“, изјави победничката на турнирот во 1995 година. „Само што се вратив од Кореја вчера и се чувствував навистина уморно, но на моето тело му беше малку подобро денеска“, додаде Јапонката, која стигна до четврт-финалето во Сеул минатата седмица.
Шарапова со брејк поведе со 3-2 во последниот сет, но застана при 40-0 во следниот гем, два пати едноподруго правејќи двојна сервис-грешка додека го губеше сопствениот сервис.
„Моментумот е многу битен во тенисот“, изјави освојувачката на три гренд-слем турнири, која се' уште се мачи да се врати во врвот на женскиот тенис по повредата на рамото во 2008 година. „Ако му дадете шанса на противникот, тој може да стекне самодоверба и да ви го одземе моментумот“.
Шарапова, која направи вкупно 11 сервис-грешки, ја пофали физичката подготвеност на својата ривалка, која се врати во професионалниот тенис во 2008 по пауза од 12 години.
„Тоа е неверојатно“, рече Шарапова. „Тоа само ви покажува како таа останала во толку добра форма додека била надвор од спортот. Таа е извонредно подготвена“.
Седум од најдобрите десет тенисерки неделава се натпреваруваат во Токио на турнирот со награден фонд од два милиона долари. |