Кога кралот ќе стане кралица

Пред почетокот на новата НБА-сезона главна тема не е името на главниот фаворит за титулата, туку прашањето кој е подобар кошаркар. Коби Брајант или Леброн Џејмс. Имено, Коби Брајант е пет пати шампион со Лос Анџелес Лејкерс, а од другата страна Леброн Џејм во седум сезони во Кливленд не успеа да освои ниту еден. Поради тоа се реши да ги промени работите со заминувањето во Мајами, каде му се придружи и Крис Бош, а магичниот тролист го затвора староседелецот Двејн Вејд. Дали тоа ќе значи и нов поредок, односно доминација на Мајами во НБА-лигата останува да се види. Но, кога станува збор за легендите на НБА-лигата за нив дилеми нема. Брајант е поголем играч од Џејмс, тоа го рече и Мајкл Џордан, а и другите великани од негов калибар, како Чарлс Баркли ќе се сложат со него.
НБА-аналитичарите ситуацијата околу Брајант и Џејмс ја споредуваат со ерата на владеењето во деведесеттите на Мајкл Џордан и на Карл Мелоун. Џордан освојуваше наслови (вкупно шест), а Малуон, кој е еден од најдобрите кошаркари на позицијата крилен центар во НБА-историјата, не освои ниту еден шампионски прстен. Значи, споредбата има цврста основа. Одлуката на Леброн Џејмс со Вејд и со Бош да тргне во освојување на титули дочекана е не „нож“, и фигуративно се толкува како одлука со која кралот се претвори во кралица. За Чарлс Баркли таквата одлука е само потврда дека Џејмс никогаш нема да биде „најголем“, затоа што покрај себе ќе има уште две супер ѕвезди. Коби Брајант покажа дека може да освои титула и без Шекил О’Нил, а Џордан исто така дека како единствена мега ѕвезда во тимот може да стигне до прстен.
Покрај тоа, на врата тропа и ѕвездата која може да ги наруши плановите на Леброн Џејмс. Тоа е Кевин Дурант, 22-годишниот играч на Оклахома пред кого, дефинитивно, е голема иднина. Иако Џејмс ужива голема популарност во јавноста, факт е дека и бившите и сегашните играчи не го креваат во небо. Освен гореспоменатите статистички причини, дрскоста и карактерот на Џејмс секако дека му ја намалуваат популарноста меѓу играчите. Како и да е, заљубениците на НБА-лигата се во исчекување на почетокот на новата сезона, а медиумите веќе тргнаа во обработка на теренот со провокации од ваков тип. Веќе видено, но прагматично и корисно за подобрување на продажбата на сезонските билети која во моментот не е на очекуваното ниво.
Инаку загревањето за новата НБА-сезона почнува идната недела, кога Лејкерси, Минесота и Њујорк гостуваат во Европа, а претсезонски натпревари ќе играат против Барселона и Армани џинс. |