Алонсо ја разгоре битката за титулата

Победата на Шпанецот во Сингапур ја вжешти психолошката војна меѓу возачите во Формула 1
Фернандо Алонсо го потврди својот статус на „принц на темнината“ завчера во Сингапур, победувајќи во ноќната трка втор пат во досегашните три изданија, со што му се доближи на лидерот Марк Вебер во шампионатот на Формула 1. Шпанецот го одвезе своето „ферари“ до победата на кривулестата улична патека, задржувајќи ги зад себе ривалите од Ред бул, Себастијан Фетел и Вебер.
Триумфот му овозможи на двократниот светски шампион да го престигне на табелата ланскиот победник во Сингапур, Луис Хамилтон, кој не успеа да ја заврши трката по судирот со Вебер. Сега Алонсо е втор, со 11 поени помалку од Вебер, кој има 202. Хамилтон е трет со 182, Фетел четврти со 181, Батон петти со 177, а теоретски шанси за титулата имаат уште Фелипе Маса од Ферари, кој досега собра 125 бода, како и Нико Розберг од Мерцедес со 122.
Влегувајќи низ целта само две стотинки пред Фетел, Алонсо ја разгоре психолошката војна на само четири трки до крајот на сезоната 2010.
„Ние сме дел од спортот во кој не можете да бидете стопроцентно подготвени и сконцентрирани во сите трки, сите месеци. Значи, имаме подеми и падови“, објаснува тој. „Можеме да кажеме дека сега, во овој момент, јас сум во зенитот, стопроцентно мотивиран. Добро е да се биде во таква положба сега. За мене шампионатот како само да почнал и затоа сум многу среќен. Се чини дека можеме да бидеме конкурентни на секоја патека. Па, да ги видиме преостанатите трки. Форца Ферари!“
Непосредно пред трката Алонсо ги проценуваше своите шанси за освојување на титулата на 50:50.
„Можам да победам, но и да не победам“, се смееше тој енигматично, пред да ја преврти темата со малку статистика.
„Петмина возачи сме“, рече, мислејќи на двајцата со кои го делеше подиумот во неделата, плус дуото на Мекларен, Луис Хамилтон и Џенсон Батон. „Секој од нас има по околу 20 проценти шанси. Можеби Марк е малку напред, бидејќи води. Останува многу тесно. Марк се' уште е прв со одредена предност, па ние останатите треба да продолжиме да со потерата. Сигурно дека ќе дадеме се' од себе, но не знаеме дали тоа ќе биде доволно. Се надеваме, но луѓето можат да бидат сигурни дека Ферари ќе се бори 100 отсто до крајот“.
Самодовербата на Алонсо за момент се повлекува пред дипломатичноста на двократниот првак.
„Се' може да се случи во преостанатите четири трки. Секој од нас може да победи во две или во три трки едноподруго. Или можете да имате две или три откажувања и надвор сте од шампионската трка. Се' ќе зависи од овие четири трки. Се надевам, без грешки, со висока концентрација, ќе го задржиме моментумот во Јапонија“, вели возачот на Ферари.
Карванот се сели во Сузука, по која следуваат Јужна Кореја, Бразил и финалето во Абу Даби во ноември. |