Канадска сензација на одбојкарскиот мундијал во Италија
Одбојкарите на Канада приредија сензација со победата од 3:1 над Србија во второто коло од групата Ф на Светското првенство во Италија. Аутсајдерот славеше против „бронзената“ селекција во Светската лига и еден од кандидатите за медал на мундијалот со 25-20, 25-22, 17-25 и 25-23 по сетови.
Без Никола Грбиќ и Иван Миљковиќ, кои добија одмор од селекторот Игор Колаковиќ по стартната победа над Германија, Србите беа ослабени во одбраната, а од тоа профитира канадскиот капитен Мејнвил со лесни поени во првиот сет. Тоа го вклучи алармот на српската клупа, па Колаковиќ во вториот сет ги испрати на теренот и Грбиќ и Миљковиќ, што даде резултат дури во наредниот сет. Во четвртиот и последен сет Канаѓаните ги консолидираа редовите, а Даф им го донесе победничкиот поен.
„Канада одигра одличен натпревар, посебно во блок-одбраната. Ние лошо му пристапивме на мечот и сега ни е тешко, бидејќи не' чека решавачкиот дуел со Полска“, не го криеше разочарувањето Колаковиќ.
Во другата средба од групата, Полска по голема борба ја совлада Германија со 3:2 (25-20, 21-25, 25-22, 22-25, 15-13). Полјаците водат со четири бода, пред Србија и Канада со три и Германија со два.
По второто коло девет репрезентации обезбедија пласман во наредниот круг на шампионатот, и тоа Италија од групата А во Милано, Куба и Бразил од групата Б во Верона, Русија и Порторико од групата Ц во Модена, Аргентина и САД од групата Д во Реџо Калабрија, Франција од групата Е во Торино и Полска од групата Ф во Трст. |