Шахистите врзаа две победи на Олимпијадата

Селекцијата на лица со хендикеп совладана со 3,5-0,5, дамите декласирани од Црна Гора во шестото коло
Роберт Димитриевски
Најдобрите македонски шахисти првпат врза две победи на 39. Олимпијада во Ханти Мансијск, откако по максималниот триумф над Бахреин ја совладаа и селекцијата на Меѓународната асоцијација на шахисти со физички недостаток (ИПЦА) во шестото коло. Четвртата висока победа на турнирот им донесе скок од десетина места на избраниците на селекторот Атанас Кизов, кои пред завчерашниот слободен ден се наоѓаа на делба на 39. место, поточно на 55. позиција според дополнителниот критериум меѓу 147 машки тимови. По натпреварот со составот рангиран 27 места подолу од нашата 43. стартна позиција, Македонија има осум меч-бода и 17 поени освоени по табли.
Велемајсторите Владимир Георгиев (2573) и Томас Лутер (2545) од Германија го отворија резултатот со реми по само 13 одиграни потези на правата табла. Македонија ја доведе во водство интермајсторот Филип Панчевски (2410), кој со црни фигури на последната табла го принуди на капитулација Русинот Евгениј Водјасов (2217) на потег пред губење на кралицата. Работата речиси истовремено ја довршија ВМ Трајко Недев (2505) на втората табла против ИМ Андреј Ободчук (2395) од Русија и ВМ Никола Митков (2531) на третата во дуелот со уште еден руски интермајстор, Станислав Михеев (2337). Недев покажа зошто е посилен трилингот топ плус два ловца против дама, а Митков при израмнет материјал на таблата ги мобилизира силите околу својот слободен пешак на е-линијата и противникот не можеше да го издржи притисокот. Максималниот ефект од четирите одиграни партии во досегашниот тек на турнирот ја прават уште пореална амбицијата на првиот Македонец со највисоката шаховска титула да освои медал, а со тоа и спортска пензија.
Избраничките на капитенот Ристе Менкиноски, пак, по пријатното изненадување со ремито против Молдавија освоија само половина поен во ексјугословенската пресметка со Црна Гора, рангирана 16 места подобро од Македонија (63.). Со пет меч-бода и 10,5 поени по табли македонскиот женски национален тим значително си го расипа пласманот пред ова коло на 63. место меѓу 115 состави.
Прва заврши партијата на последната табла, во која Драгана Николовска (1752) загуби со црни фигури од ЖФМ Лидија Благоевиќ (2013). Втора потклекна Бојана Бејатовиќ (1891) на третата табла, каде што долго се обидуваше да се извлече со кусок фигура пред да се помири со поразот од ЖФМ Марија Стојановиќ (2112). На Катерина Јоноска (2012), која на првата табла ја менуваше ЖИМ Габриела Коскоска (2142), потоа и' пресуди пешакот помалку во завршницата со по еден топ против ЖВМ Јована Воиновиќ (2319). Честа на репрезентацијата ја спаси Моника Стојковска (1928), која против ЖФМ Александра Миловиќ (2182) на третата табла избори реми со коњ и два пиона повеќе против топ, благодарение на напреднатиот слободен пешак на а-линијата.
Пред петтото коло Грузија, Унгарија и Ерменија беа единствените со максимални десет бода на машкиот дел од Олимпијадата, а веднаш зад нив Украина и Холандија со по девет.
Водјасов - Панчевски
1. е4 г6 2. д4 Лг7 3. Сц3 ц6 4. Сф3 д6 5. х3 Сф6 6. Ле3 Дц7 7. Дд2 е5 8. Лд3 О-О 9. О-О Те8 10. Тфе1 Сбд7 11. д:е5 д:е5 12. а4 а5 13. Тад1 Сф8 14. Лф1 Се6 15. Лц4 Лф8 16. Сг5 С:г5 17. Л:г5 Сд7 18. Те3 Сц5 19. Лд8 Дб8 20. Лб6 Ле6 21. Л:е6 С:е6 22. Тд3 Лц5 23. Л:ц5 С:ц5 24. Тд6 Се6 25. Тд3 Дц7 26. Де3 Тад8 27. Се2 Де7 28. Дб6 Т:д3 29. Т:д3 Сц5 30. Те3 Та8 0-1 |