Лазаров немаше свој ден против Кил
Најдобриот стрелец во ЛШ даде само три гола за загрепчани во првиот натпревар со Германците (28:28)
Одамна немал толку лош ефект најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров како во првиот натпревар од четврт-финалето во Лигата на шампионите, во кој неговиот тим Кроација осигурање Загреб пред 7.000 гледачи во „Ледената сала“ во хрватската престолнина ремизира 28:28 со германски Кил. Најдобриот стрелец во ЛШ во минатата сезона и лидер во годинашната постигна само три гола, и тоа од 11 удари, а имаше и три загубени топки. Несвојствено за него, капитенот на македонската репрезентација погоди само еднаш од седум удари од поле, и тоа во 34 минута, а реализира два од четири седмерца. Најдобриот светски голман Тиери Омејер му го одбрани пеналот уште на самиот почеток од средбата, а 38-годишниот ветеран Мартини му „симна“ седмерец и во завршницата од средбата. Единствениот светол момент на голгетерот на хрватскиот првак беше израмнувањето на 21:21 токму од удар од 7 м.
Настинката, поради која примаше инфузија пред квалификацискиот натпревар за Европското првенство против Исланд пред десет дена во Скопје, очигледно оставила трага на рекордерот по бројот на голови на еден мундијал. Лазаров, сепак, го задржа водството на листата на стрелците со 86 гола, осум повеќе од Србинот Марко Вуин од Веспрем, а трет е Данецот Ларс Кристијансен од Флензбург со 70 погодока.
Резултати од првите четврт-финални дуели во Лигата на шампионите: Кроација осигурање Загреб - Кил 28:28, Сиудад Реал - Веспрем 29:24, Флензбург - Хамбург 25:28 и Чеховски медведи - Рајн Некар 33:31. (Р.Д.) |