ЕХФ и' го одзеде на Македонија ЕП за кадетки!
Македонија и официјално остана без организацијата на Европското првенство за ракометарки до 17 години. Наместо кај нас, најдобрите европски кадетки со своите национални тимови од 25 јуни до 5 јули ќе се натпреваруваат во Србија. За утеха, македонската репрезентација остана директен учесник на шампионатот, за разлика од другите селекции што изборија пласман преку квалификации. За ваквата своја одлука Европската ракометна федерација вчера и писмено ја извести Ракометната федерација на Македонија.
„Објаснувањето е дека не може за кратко време, нецела година, една земја да биде домаќин на три големи натпреварувања. Минатото лето бевме домаќини на Светското првенство за младинки, а во декември и на Европското за сениорки. ЕХФ сакаше да го премести ЕП за кадетки од Македонија во некоја од скандинавските земји, но реши да направи компромис и да го остави во регионот, доделувајќи и' го Србија. Кога веќе не е кај нас, добро е што ќе биде кај соседот поради помалите трошоци за настап“, вели генералниот секретар на РФМ, Марјан Начевски.
Во ждрепката одржана минатиот вторник во Виена македонската репрезентација се најде во групата Ц заедно со Франција, со Унгарија и со Литванија, а во вториот круг одат трите првопласирани. Градовите-домаќини на четирите групи ќе бидат одредени по инспекцијата од ЕХФ најавена за десетина дена.
Србија ќе биде домаќин и на ЕП 2012 за сениори. (Р.Д.) |