Златните раце на Рос Браун
Зад дебито од сништата на Браун ГП во Мелбурн стои стратегот на седумте титули на Шумахер
Роберт Димитриевски
По величествената еден-два победа на дебитантот Браун ГП во трката за Големата награда на Австралија, веќе нема дилеми околу најдобриот стратег во 60-годишната историја на Формула 1. Нецел месец по купувањето на тимот на Хонда, 54-годишниот Британец Рос Браун успеа некогашниот конструкторски вицешампион под фирмата БАР експресно да го врати на победничките патеки по маргиналната улога во последните две сезони.
Многумина ги фрапира супериорноста на болидот со кој во Мелбурн триумфира Џенсон Батон, а ветеранот Рубенс Барикело заврши втор, освен тие што паметат чиј „потпис“ стои зад седумте шампионски титули на Михаел Шумахер. Како технички директор на Бенетон, Браун беше најзаслужен за двете титули едноподруго на Германецот во 1994 и во 1995 година, како и за освоениот шампионат на конструкторите во 1995, кога ја креираше тркачката стратегија на тимот. Во 1996 заедно со Шуми ќе се преселат во Ферари, каде што Британецот повторно како технички директор ќе се вгради себеси во петте титули во низа од 2000 до 2004 на најуспешниот Ф1-возач на сите времиња, како и во рекордните шест конструкторски титули на италијанскиот тим, почнувајќи од 1999 година.
„Некои луѓе, очигледно, забораваат што се случува кога ќе се воведат нови правила. Во 1994, кога бев во Бенетон, исто така беа воведени низа нови правила. Ние ја жртвувавме годината пред тоа и токму во 1994 ја освоивме првата возачка титула. Тоа беше на некој начин аномалија, бидејќи стануваше збор за мал производител на маички што го освоил првенството. На луѓето тоа не им се допадна. Тие не можеа да го прифатат тој концепт. Мислам дека сите тимови годинава многу побрзо ќе напредуваат, но факт е ��ека развојот на болидот го почнавме многу порано од нив, пред 15 месеци, па сега ги береме плодовите од вложениот труд“, ја објаснува Браун тајната на чудесниот подвиг на најуспешниот дебитантски тим во последните 55 години.
Последна екипа што победи во својата прва трка беше Волф во 1977 година, а последен тим со еден-два триумф на дебито беше Мерцедес, кому тоа му појде од рака во сезоната 1954. Токму „Мерцедес“ годинава почна да ја снабдува екипата со мотори.
Спектакуларниот резултат на Браун ГП дополнително добива на тежина поради тоа што е остварен по неколкумесечна неизвесност дали екипата воопшто ќе постои по повлекувањето на „Хонда“ на почетокот од декември, како последица на светската економска криза. Згора на тоа, на сите во тимот уште пред неделната трка во Алберт Парк им беше ставено на знаење дека бројот на вработените од околу 700 луѓе ќе биде намален за повеќе од една третина, и покрај тоа што ден пред трката како спонзор влезе „Вирџин“ на милијардерот Ричард Бренсон!
Рос Браун во поранешниот тим на Хонда дојде на 12 ноември 2007, враќајќи му се на овој спорт по едногодишниот одмор што си го зеде по заминувањето од Ферари на крајот од октомври 2006. Во Формула 1 влезе во 1978 како машинист во тогаш новоформираниот тим на Вилијамс. Брзо напредуваше во тимската хиерархија, станувајќи шеф за аеродинамика, но ќе продолжи накратко во сега непостоечките Лола и Ероуз, од каде што ќе го привлече вниманието на Јагуар, пристапувајќи му на тимот во 1989. По две години преминува во Бетенон, кога дефинитивно ќе направи име во најпопуларниот брзински спорт на денешницата. |