И Металург во истрагата на ЕХФ!
Врз основа на одговорите на нејзините прашалници до судиите и делегатите, Европската ракометна федерација реши да поведе истрага за шест натпревари, меѓу кои и за мечот меѓу Металург и Барселона (22:29) од групата Ц во Лигата на шампионите, одигран на 8 ноември во Скопје.
Под лупа на ЕХФ се и средбите: Лада Толјати - Слагелсе од групата во ЛШ во сезоната 2005/2006, потоа реваншот од финалето на Купот на куп-победниците меѓу Чеховски медведи и Валјадолид истата сезона, па возвратниот дуел Лада Толјати - Виборг од четврт-финалето на ЛШ во 2006/2007, првиот меч од финалето на ЛШ 2007/2008 меѓу Звезда Звенигород и Хипо Нидерестерајх и реваншот од баражот Романија - Црна Гора за Светското првенство 2009 за мажи.
Во соопштението од ЕХФ уште се наведува дека претседателот на нејзиниот Арбитражен суд итно ќе именува членови од тој трибунал што ќе ги разгледаат наведените случаи. Сите вклучени страни се должни да достават изјава за конкретните натпревари заради откривање на евентуално лажирање. |