Се урна ѕид од трибина на стадион во Абиџан, најмалку 22 загинати
Немилиот настан се случи за време на мечот меѓу Брегот на Слоновата Коска и Малави
Најмалку 22 лица загинаа по падот на дел од ѕид на една трибина на стадионот „Хипое Боњи“ во Абиџан за време на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Брегот на Слоновата Коска и Малави во рамки на квалификациите за СП 2010 во Јужна Африка.
Откако се урна ѕидот настана паника, а „паметната“ полиција се обиде да ја смири толпата фрлајќи солзавец!?. Мечот го следеа повеќе од 50.000 гледачи, па се стравува дека бројот на жртвите може да биде многу поголем.
„Имаме најмалку 22 загинати лица и неколку десетици посериозно повредени“, изјави воен извор на стадионот.
Како причина за трагедијата се наведуваат лицата без купени влезни билети кои навалија на еден влезовите на стадионот со капацитет од 45.000 места во главниот град на западноафриканската држава, Брегот на Слоновата Коска чија репрезентација славеше над Малави со убедливи 5:0.
„Гледачите без билети се насобраа во огромен број пред натпреварот. Тие го урнаа еден од главните влезови на стадионот и настана стампедо“, изјави Дагоберт Банзи, министер за спорт на Брегот на Слоновата Коска кој дополни дека најмалку 132 лица се повредени во инцидентот.
„Пред стадионот имаше голем број на фанови кои сакаа да влезат. Кога влегоа настана инцидент“, истакна Десире Тагро, министер за внатрешни работи на оваа западноафриканската држава.
Немири и инциденти се вообичаена појава на африканските фудбалски стадиони кои честопати се преполни. Минатиот септември 11 лица загинаа во немирите што се счучија на стадион во Демократска Република Конго, а во јуни осум лица ги загубија животите во инцидент во Либерија.
Јужна Африка троши неколку милијарди ранди за изградба на нова спортски објекти и инфраструктура за Светското фудбалско првенство во 2010 година.
Само бод за Бразил во Кито
Во последните мечеви од 11. коло во јужноамериканските квалификации за СП 2010, Бразил одигра 1:1 во Кито против селекцијата на Еквадор, додека Чиле славеше во гости кај Перу со 3:1.
Романски судиЈа извади пиштол на терен
Романски судија извади пиштол на терен по завршување на натпревар во четвртата лига на Романија меѓу тимовите на Попешти Штефан и Униреја Драгалин што го добија гостите со 2:1, пишува романски „Проспорт“. По последниот свиреж група фанови на домашната екипа тргнаа кон еден од од асистентите на главниот судија, Богдан Лука, со цел да го изразат своето незадоволство од неговите одлуки и поништениот гол поради офсајд. Лука веднаш му притрча во помош на неговиот помошник и го спаси од линч, откако извади пиштол, испука еден куршум во воздух, масата се растури, а судиите без проблеми стигна до соблекувалните. Ваквото свое дело Лука се обиде да го оправда споменувајќи дека еднаш веќе бил жртва на фудбалски тревници.
„Бев тепан пред две ипол години. Пред три недели еден мој колега беше претепан. Немав намера да повредам никого, пукав во воздух кога толпата стигна до мене“, изјави Лука.
„Судиите не се шерифи или каубои или слично на нив. Тие се фудбалски луѓе и ова е недозволиво. Овој судија треба да биде казнет. Го заслужува тоа“, изјави поранешниот романски судија, Јон Крачунеску. |