Баросо вели дека Комисијата не може да ги спречи блокадите
Брисел - Претседателот на ЕК, Жозе Мануел Баросо, вчера изјави дека Брисел прави се' што може за да се надминат билатералните проблеми што ја блокираат евроинтеграцијата, но оти не може да им наметне одлуки на земјите-членки.
„Одлуките што се однесуваат на проширувањето на ЕУ се донесуваат едногласно. Постојат некои билатерални проблеми, кои се појавуваат и натаму, и не можам да го одречам тоа. ЕК прави се' што може да ги реши и да овозможи процесот да оди напред, но ние не можеме да им ја преземеме одговорноста на земјите-членки“, изјави Баросо на прес-конференција. Тој рече дека е горд што за време на неговиот мандат ЕУ од 15 земји-членки е зголемена до 27, додавајќи дека ЕК ја завршила работата околу проширувањето и оти ќе продолжи да го спроведува тој процес.
Оваа најава Баросо ја даде претставувајќи ја својата програма за евентуалниот иден мандат како претседател на ЕК, во која, сепак, нема ниту збор за проширувањето и покрај неговото јавно залагање за тоа. Реизборот на Баросо се уште виси поради политичките игри на новите парламентарни групи, па деновиве треба да се знае дали за неговата функција ќе се решава на 16 септември или гласањето ќе биде спречено уште еднаш.
Тоа ќе го стави Брисел во уникатна состојба, бидејќи никој не може се' уште да каже кога ќе биде избрана новата Европска комисија, не само поради неизвесниот избор на нејзиниот претседател, туку и поради најавите дека чешкиот лидер, Вацлав Клаус, ќе ја одложува ратификацијата на Лисабонскиот договор максимум што може, а можно е и до крајот на годината. (С.Ј.) |