Гроздановски од Војводина на „Кантрида“?
Хрватскиот прволигаш, Риека, е силно заинтересиран за услугите на македонскиот репрезентативец, Влатко Гроздановски. Претставници на тимот од „Кантрида“ деновиве беа во Нови Сад на преговори со раководството на Војводина, екипа во која моментно настапува Гроздановски, но детаљи не се познати. Не е запознат ни самиот Гроздановски на кого договорот со српскиот прволигаш му истекува во декември. Само потврди дека имало средба меѓу челниците на двата клуба, дека Риека е заинтересирана, но не ја исклучува можноста Војводина да му понуди продолжување на соработката.
„Верувајте ништо повеќе не знам од она што го објавија медиумите. Знам само дека луѓе на Риека биле овде во Нови Сад и разговарале со челниците на Војводина. Речено ми е дека се заинтересирани за мене, но дали ќе испанде нешто од тоа ќе видиме“, ни изјави Гроздановски.
Војводина е дел од водечката тројка во српското првенство, што е случај и со Риека во хрватското. Обете фудбалски конкуренции се на исто рамниште, па доколку се реши да ја смени клупската средина Гроздановски нема да наиде повисоко скалило во кариерата. Со тоа се сложува и самиот тој, но вели дека ќе ја прифати понудата само ако Риека му предложи подобри финансиски услови од оние што ги има во Војводина.
„Не ги знам финансиските услови под кои е подготвена Риека да ме ангажира. Затоа и не сакам да коментирам ништо. Но, ако се добри, нема зошто да не прифатам. Се разбира ако тие и' одат во прилог и на Војводина“, дополни Гроздановски и изрази желба да настапува во посилна лига.
Според хрватскиот печат Риека чека да го продаде својот најдобар играч, Анас Шарбини (20), за кого интерес има од неколку европски клубови, и со дел од парите да ги обезбеди услугите на Гроздановски, но и на други засилувања. Сумата за која Војводина е подготвена да се раздели со нашиот интернационалец не е позната, но ако набрзо се реализира трансферот на Шарбини, набрзо ќе се оствари и преселбата на Гроздановски од Нови Сад во Риека. За очекување е дека и Војводина ќе реагира брзо и ќе го обезбеди потписот на Гроздановски на нов договор со цел да ја избегне опасноста да го загуби како слободен играч во декември. (С.Д.)
МАЗНОВ СТРЕЛЕЦ ЗА ТОМСК
Македонскиот репрезентативен напаѓач, Горан Мазнов, се запиша во листата на стрелци за неговиот Томск во пријателски меч за време на подготовките во Германија. Рускиот прволигаш славеше над нисколигашот Вупертал со 2:0. Мазнов поентира во 45 минута за водство на Томск со 1:0, победата на неговата екипата ја осигура Волков со погодокот во 75 минута.
|