Дебакл на кадетките и против Германија
Ракометарките до 17 години поразени со 35:17, па ќе играат за пласман од 13 до 16 место на ЕП во Србија
Со денешниот натпревар против Чешка од 12,30 ч. во Врњачка Бања, женската кадетска репрезентација на Македонија ќе го почне разигрувањето за пласман од 13 до 16 место на 7. Европско првенство за ракометарки до 17 години во Србија. Победникот од тој дуел утре од 15 ч. ќе игра за 13 место со подобриот од мечот Литванија - Словачка. Поразените од овие средби, пак, утре од 12,30 ч. ќе играат за избегнување на „фенерот“.
Избраничките на селекторот Николче Костовски си поминаа како боси по трње во Ниш и против Германија, од која загубија со 35:17 за максимален петти пораз на шампионатот. Како и во претходниот натпревар со Србија, македонските ракометарки добро почнаа и во средината на првото полувреме беше нерешено 5:5. Но, Германките во 23 мин. се одлепија на 13:7, а со серија од шест гола во почетокот од вториот дел стигнаа до 20:10 во 41 мин., за предноста на крајот да ја зголемат на цели 18 погодока!
„Од натпревар во натпревар иста приказна. Не ни поаѓа ништо од рака. Германија денеска беше подобар тим, а ние направивме многу грешки и заслужено сме поразени“, изјави Костовски.
„Се обидовме да бидеме фокусирани, бидејќи видовме една добра Македонија во мечот со Србија“, беа зборовите на германскиот селектор Арнолд Манц.
Македонија - Германија 17:35
Полувреме: 9:13. Сала: „Чаир“ во Ниш. Гледачи: 150. Судии: Кавешников и Пелепетников од Русија. Седмерци: Македонија 6/7, Германија 3/3. Исклучувања: Македонија 6 мин., Германија 6 мин.
Македонија: Антиќ (3), Зиковска (6), Саздовска, Јованоска 2 (1), Ѓорѓиевска, Јаковлеска 1, Делиоска 1, Божиновска, Николовска, Срњакова 2, Јанеска 1, Николиќ, Ристовска 6 (3), Мурговска 4 (2). Селектор: Николче Костовски.
Германија: Фајт, Глегерих (3), Луверс (3), Мацуко 3, Хубингер 2, Лојкефелд 5, Бергер 2, Петерсен 3, Стонавски 4, Прем 5 (1), От 2 (2), Јосефјак, Миневскаја 4, Дил 5. Селектор: Арнолд Манц.
За судбината на Ѓорче Петров до 15 Јули
Меѓу 10 и 15 јули ќе се одржи Собрание на ракометниот клуб Ѓорче Петров, на кое треба да се донесе одлука во врска со иднината на некогашниот европски шампион, односно дали ќе згасне или ќе биде ставен ��о мирување. Ова е епилогот од вчерашните консултации меѓу претседателот Иван Бојков и потпретседателите Владо Давитковски и Игор Илиевски, кои во согласност со Статутот на клубот Собранието мора да го свикаат најмалку осум дена пред одржувањето на седницата.
За најновите шпекулации дека долгогодишниот спонзор Трифун Костовски пријатели на клубот го убедиле да се врати како финансиер, макар и со симболични средства колку да се одржи во живот најтрофејниот спортски колектив, Бојков вели дека првпат слуша. (Р.Д.) |