Русевски цврсто решен да не игра со Белорусија
Не се проблем парите, туку односот на МТФ, објаснува првиот македонски рекет
Роберт Димитриевски
Најдобриот македонски тенисер Предраг Русевски по се' изгледа првпат во последните десет години откога е репрезентативец нема да биде дел од националниот тим, кој од 10 до 12 јули ќе и' гостува на Белорусија во Минск во натпревар за опстанок во Првата група од Евроафриканската зона на Дејвис купот. Рокот од селекторот Дејан Маринковиќ да се изјасни дали ќе игра истекува денеска напладне, но, судејќи според нашиот вчерашен телефонски разговор со него, тој нема намера од Франкфурт, каде што настапува за Ајнтрахт во Летната тениска лига на Германија, в недела да патува за белоруската престолнина. Последниот воз за настап му заминува в среда, кога ќе бидат одредени двојките и редоследот на мечевите во Минск и дотогаш селекторите ќе имаат можност да заменат до двајца играчи од првично пријавениот состав.
„Искрено жалам, но не можам постојано да преминувам преку некои работи. Глупаво е да не играм поради Македонска тениска федерација, но штом никој од таму не сака да разговара со мене, не гледам зошто би се премислил“, беа првите зборови на првиот македонски рекет. Тој нагласува дека проблем не се парите, туку односот на МТФ кон него и кон репрезентацијата во целина.
„Не правам проблем за една-две илјади евра, туку за непостоењето никаква грижа за нас. Како да не постои федерација. Ќе им текне на репрезентативците само кога треба да се игра во Дејвис купот, а во меѓувреме никаде ги нема. Никој да се јави да те праша како си, ти треба ли нешто, да почувствуваш дека некому му е барем малку гајле за тебе. Никакви подготовки, а камоли поддршка за настап на турнири, спонзорства. Буквално, препуштени сме сами на себе. Затоа и му реков на Маринковиќ дека сега е моментот нешто да се направи во тој поглед“, појаснува популарниот Пецко.
Според него, потпишаните договори за настап за државната селекција по сличните натегања со МТФ и пред февруарскиот натпревар од Дејвис купот со Јужноафриканска Република во Јоханесбург не ги обврзуваат репрезентативците да ги одиграат сите мечеви годинава.
„Тогаш Агенцијата за млади и сп��рт излезе во пресрет, потпишавме, но истовремено нагласивме дека тоа важи само за мечот со ЈАР и оти за идните настапи дополнително ќе разговараме. Наместо тоа, повторно истата приказна дека е криза, нема пари, Јужна Африка била далеку, еве сега и Белорусија. Испаѓа дека се' зависи од средствата што федерацијата ги добива од ИТФ за натпреварите во Дејвис купот и кога ќе се потрошат тие - толку. Ако е така, што ќе ни е тогаш федерација?“, прашува Русевски.
По клупските обврски во Германија, тој на крајот од месецов и во почетокот на идниот планира да настапи на челинџер и на неколку фјучерси во Русија. Челинџерот е во Саранск (земја, 50.000 евра) и почнува на 27 јули.
МАГДИНЧЕВ/ЦЕРОВИЌ
ВО ЧЕТВРТФИНАЛЕТО ВО РИЕКА
Македонскиот репрезентативец Лазар Магдинчев и Хрватот Иван Церовиќ се пласираа во четврт-финалето во двојки на челинџерот во Риека, кој се игра на земјените терени на „Кварнер“ и за награден фонд од 30.000 евра. На стартот од главниот турнир, на кој настапуваат со вајл-кард, тие славеа со 6-3, 5-7, 10-6 против хрватската двојка Никола Мектиќ и Иван Зовко, што им донесе по 13 АТП-поени и делба на 400 евра. Нивна следна пречка синоќа требаше да бидат вторите носители Оливие Шарон од Франција и Душан Карол од Чешка, 293. дубл во светот. |