Видиќ ѕвезда на отворањето на Универзијадата во Белград
Фудбалерот на Манчестер јунајтед како изненадување на вечерта се појави на крајот од свеченоста
Од средата во Белград гори универзитетскиот факел со што почнаа двонеделниот празник на универзитетскиот спорт. Со свечено дефиле и носење на знамињата на 144 земји земји учеснички (околу 8.500 спортисти), во спектакуларна атмосфера во „Белградска арена“, беше означен стартот на 25. Летна Универзијада. На свеченоста присуствуваше речиси целиот српски државен врв предводен од претседателот Борис Тадиќ, а Универзијадата за отворена ја прогласи премиерот Мирко Цветковиќ, пожелувајќи успешно натпреварување за сите учесници.
„Кон успехот нека ве води спортскиот дух. Убеден сум дека Белград ќе биде успешен домаќин на еден од најзначајните светски спортски настани“, рече Цветковиќ.
Претседателот на организацискиот одбор на Универзијадата, Божидар Ѓелиќ, им порача на студентите и спортистите од целиот свет да го паметат овој настан не само по резултатите туку и по пријателствата што ќе ги здобијат за цел живот.
„Добредојдовте во Србија која денеска е центар на светот, а Белград престолнина на младоста“, нагласи Ѓелиќ.
Унверзитетскиот пламен во Белградска арена го внесе студентот Мирко Ѓорѓевиќ, факелот го запали одбојкарот Борислав Петровиќ. Во име на сите спортисти заклетва положи српската одбојкарска репрезентативка Ивана Џерисило, а во име на сите судии Иванка Петровиќ, ватерполо судија.
Пред крајот на свеченоста дојде и изненадувањето на вечерта. На сцената излезе еден од најдобрите европски и светски фудбалери, репрезентативецот на Србија, Немања Видиќ, во друштво на малечката Ана. Звездата на Манчестер јунајтед порача дека животот на тоа девојче е спасен благодарение на науката. Според сценариото, Ана потоа истрча до другиот крај на централниот терен и ги запали светлата во „Белградска арена“, што беше знак дека Универзијадата може да почне. |