Затвор поради продажба на туѓи станови
ТЕТОВО - Во Основниот суд во Тетово, во првостепена постапка, Јусуф Аземи (46) од тетовското село Шипковица е осуден на една година затвор поради измама со станови. Судскиот процес се одржа во негово отсуство, бидејќи тој подолго време е надвор од земјава и не е достапен на органите на прогонот.
За време на судскиот претрес беше утврдено дека Аземи ги доведувал во заблуда лицата кои сакале да купат стан и на тој начин се стекнувал со противправна имотна корист. На Роза Дуровска од Тетово во три наврати и' зел 22.500 евра за стан во новоградба во Кисела Вода во Скопје иако станот бил веќе продаден на друго лице од страна на инвеститорот на зградата. Судот утврди дека Јусуф Аземи не бил сопственик на градежно земјиште, ниту инвеститор на градежниот објект, туку само кооперант за подизведување работи до фаза на карабина. На потенцијалните купувачи им тврдел дека со инвеститорот „ЕЛ-ком инженеринг Виолета“ имал добиено четири стана, за кои на заинтересираните им давал и лажен документ, потврда за примените парични средства, бидејќи и самиот бил сопственик на градежна фирма „Естетика“ со седиште во Тетово. (Г.Е.) |