Извршител нелегално продал хотел и земјиште
Полицијата поднесе две кривични пријави за злоупотреба на службена положба и овластување, односно неизвршување судска одлука против В.С. (55) од Охрид. Според МВР, во октомври минатата година, В.С., кој работел како судски извршител, не ги навел начинот и условите за продажба на хотелот „Застава“ и 18.434 квадратни метри земјиште во населбата „Св.Стефан“, како и времето и местото на продажбата, идентификација на имотот и почетната цена на наддавањето. Тој изготвил интерна службена белешка и во еден дневен весник објавил соопштение без да ги наведе потребните податоци.
„Иако го знаел законскиот рок за поминати 15 до 30 дена од денот на објавување на заклучокот во дневниот печат до денот на продажба, со намера да му овозможи корист на дотогаш единствениот понудувач -приватна фирма од Охрид, тој спровел незаконита постапка и истиот ден го продал хотелот и земјиштето за 77.086.760 денари без да им даде право на други заинтересирани понудувачи во законска постапка да учествуваат во купопродажбата на имотот“, велат од МВР. Извршителот ја спровел продажбата докрај, иако примил решение од Основниот суд во Охрид со утврдени неправилности при спроведувањето на постапката, со кое, надвор од сила се става купопродажбата на хотелот и на земјиштето. (Г.А.) |