21.10.2011, 17:41 СДСМ поднесе кривична пријава за прекинатиот попис
Пратеничката група на СДСМ заедно со пратениците од другите партии од опозицискиот фронт бараат да се утврди кривична одговорност за прекинатиот попис. Тие вчера поднесоа кривична пријава и бараат јавниот обвинител да поведе постапка против членови на Владата, на Државната пописна комисија и реонските попишувачи, како и утврдување одговорност заради нанесување штета на буџетот. Потпретседателката на СДСМ, Ана Павловска-Данева, откако ја достави кривичната пријава во Јавното обвинителство изјави дека бараат да биде изречена и забрана за уништување на пописниот материјал, кој треба да служи како доказ.
„Очекуваме јавниот обвинител во најкраток можен рок да забрани да се уништат пописните формулари, кои се доказен материјал, неопходен за утврдување на фактичката состојба. На тој начин ќе може да се утврди точно и прецизно, со име, презиме и со функција, кој е одговорен за неуспешниот попис и за залудно потрошените 14 милиони евра на граѓаните. СДСМ уште еднаш потенцира дека нема да им дозволи на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ својата неспособност да спроведат попис да ја затскриваат со лажен патриотизам дека во Македонија има 120 илјади допишани Албанци“, истакна Павловска-Данева. Најавата дека и ВМРО-ДПМНЕ ќе бара формирање Анкетна комисија за пописот во 2002 година, таа ја поддржува, иако ја оценува како смешен потег и уште еден преседан на власта. (П.Р.) |