Физикела на седмо небо по преминот во Ферари
Џанкарло Физикела е на седмо небо откако беше потврден како возач на Ферари во преостанатите пет трки од годинашната сезона во Формула 1. Ферари прво се определи за својот тест-возач Лука Бадоер како замена за Фелипе Маса, кој се повреди во квалификациите за Унгарското гран-при, но 38-годишникот не ја искористи шансата, па Скудерија беше принудена да побара алтернатива надвор од тимот во пресрет на домашното гран-при во Монца следниот викенд. И покрај гласиштата што го поврзуваа Физикела со местото на вториот возач во Ферари, и италијанската екипа и римјанинот од Форс Индија негираа дека се договара трансфер. Сепак, двете страни на крајот ги потврдија шпекулациите на одушевување на популарниот Физико, кој ќе биде првиот Италијанец што ќе вози за Ферари во трката за Големата награда на Италија по Иван Капели во 1992 година.
„На седмо небо сум“, изјави тој за интернет-страницата на Ферари. „Се' уште не можам да поверувам во тоа дека мојот животен сон се остварува, за што сакам да им заблагодарам на Ферари и на претседателот Лука ди Монтеѕемоло. Во текот на минатата недела ми се случија некои навистина неверојатни работи - пол-позицијата и второто место во Спа, а сега сум повикан од Ферари за да ги извозам последните пет трки сезонава за нив. Ќе го дадам најдоброто од себе за да и' надоместам на Скудерија за извонредната можност што ми ја дадоа. Знам дека нема да биде лесно, но ќе сторам се' за да забележам најдобри можни резултати“.
Физикела, секако, ќе се соочи со огромен притисок кога ќе се појави на стартот во Монца, бидејќи не само тифозите, туку и шефовите на Ферари, очекуваат резултати.
„Го избравме Џанкарло поради тоа што сметаме дека тој може да даде значаен придонес во поглед на поените во завршницата на сезоната“, вели тимскиот шеф Стефано Доменикали. „Уште повеќе, ние го разгледуваме и прашањето која би можела да биде неговата улога во тимот во блиска иднина, земајќи го предвид и годинашното искуство. Тој ќе биде резервен возач во 2010. Сакам да им се заблагодарам на Виџај Малја и на Форс Индија, кои му овозможија на Џанкарло да го раскине договорот во толку среќен момент за тимот, дозволувајќи му да го круниса својот сон како возач. Сега треба да се концентрираме на Монца, трка која навистина ни значи на еден посебен начин: знаеме дека ќе ни биде тешко да го одржиме нивото на формата од последното гран-при, но ќе се потрудиме да ги задоволиме нашите навивачи. Се надевам дека ќе ги има доста покрај патеката за да не' поддржат“.
|