Бениќ испушти реми против Германија
Македонскиот центар на секунда до крајот мораше да не' спаси од поразот од 8:7 на ЕП во ватерполо
Роберт Димитриевски
Даниел Бениќ уште долго ќе го памети натпреварот со Германија од третото коло во групата Б на 29. Европско ватерполо првенство во Загреб, во кој место херој, испадна голем трагичар. Во неговите раце беше бодот голем како куќа против е��ропскиот првак од 1981 и од 1989 година, бидејќи на секунда до крајот се најде очи в очи со германскиот голман Александар Чигир, но, место да го праша во кој агол да му бие, од само два метра ја упати топката директно во него?! Шанса што од никаде ја создаде Игор Рачуница со украдената топка на шест секунди до последниот звук на сирената и веднаш организира контранапад „два на еден“ пред германскиот гол, но Бениќ не ја искористи. Шанса каква што не се пропушта ни на тренинг, толку посакуван погодок што не само ќе и' донесеше прв позитивен резултат на Македонија во четвртиот меѓусебен дуел со „панцерите“, туку и ќе и' ги зголемеше изгледите за освојување на една од трите дополнителни визи за Светскиот шампионат 2011 во Кина.
Штета, бидејќи и Рачуница биеше во Чигир од петерец, на Еди Бркиќ му беше поништен гол поради тоа што биел непосредно по истекот на првата четвртина, а на Македонија не и' беше признат уште еден погодок поради наводен прекршок во напад. Тоа создаде нервоза во македонските редови, која кулминира во почетокот од вториот период со дисквалификацијата на Владимир Кречковиќ, кој бурно одреагира по второто исклучување, па од судиите беше испратен во соблекувалната.
Германија на полувремето имаше удобна предност од 6:2, но во последните две четвртини, кои Македонија ги доби со 4:2 и 1:0, буквално спаси жива глава. Рачуница при крајот на третиот период не' приближи на 6:7, а на 1:57 минути до крајот Бениќ донесе драматичен финиш, намалувајќи на 7:8. Откако Бркиќ направи фаул во напад на 15 секунди до истекот на регуларните 32 минути, германскиот селектор Хаген Штам побара тајм-аут, кој за малку не му се удри од глава кога Рачуница украде топка, а Марк Полице на четири секунди до крајот беше исклучен. Тоа не го казни Бениќ.
Следен противник на избраниците на Стеван Нонковиќ утре од 10 ч. ќе им биде светскиот шампион Србија.
НОНКОВИЌ: НЕМАВМЕ СРЕЌА
Стеван Нонковиќ: „Тежок натпревар, во кој одигравме многу лошо прво полувреме. Во продолжението немавме среќа, но задоволен сум од играта на моите избраници“.
Ненад Петровиќ: „Нашата репрезентација остави добар вкупен впечаток, но можеби ни недостигаше концентрација. Моравме да го замениме еден од нашите најдобри играчи Благое Ивовиќ, кој не можеше да игра поради повреда. Освен тоа, Владимир Кречковиќ рано беше дисквалификуван поради три исклучувања. Нашите следни мечеви се против Србија и Унгарија, против кои дефинитивно не сме фаворити, па ќе играме без притисок“.
Хаген Штам: „Кога поведовме со 6:2 мислев дека ќе продолжи во тој стил, но одигравме глупаво во последниот период. Помислив дека би можеле да победиме со 4-5 гола разлика, посебно поради тоа што гол-разликата може да биде решавачка за пласманот во четврт-финалето. На крајот му ја должиме оваа победа на нашиот голман. Не одигравме добро два меча, но ги добивме, па, според тоа, не сме фаворити против Грција. Имаме и големи проблеми со повредите, толку големи што немам искусено во мојата десетгодишна тренерска кариера“.
Пол Шилер: „Кога добив повик првпат да учествувам на големо натпреварување, се разбира дека сакав да играм. Специјалната маска што ја носам поради двојната скршеница на носот малку ми пречи на видот и на дишењето, но психички сум О.К.“.
Македонија - Германија 7:8
По четвртини: 1:3, 1:3, 4:2, 1:0. Базен: СРЦ „Младост“ во Загреб. Гледачи: 200. Судии: Ерхан Тулга од Турција и Андреј Франуловиќ од Хрватска. Петерци: Македонија 0/1, Германија /.
Македонија: Перчиниќ (6), Јаневски, Рачуница 1 (1/2, 0/1), Вуксановиќ 1 (1/1), Делаш 3 (3/4), Босанчиќ (0/1), Кречковиќ (0/2), Ивовиќ, Бркиќ 1 (1/4), Димовски (0/1), Латковиќ (0/1), Петровиќ (0/2), Бениќ 1 (1/4). Селектор: Стеван Нонковиќ.
Германија: Чигир (11+1), Конг, Нарошка, Шредер, Реал 1 (1/1), Штам 1 (1/2), Полице 2 (2/3), Буковски (0/3), Шилер (0/2), Кројцман 2 (2/6), Елер 2 (2/3), Шлотербек (0/1), Ресинг. Селектор: Хаген Штам.
КАЛИОПИ И ШОЛА НА ТРИБИНИТЕ
Македонската пејачка Калиопи и хрватската актeрка и пејачка Антонија Шола, позната кај нас по улогата во телевизиската серија „Забранета љубов“ и по снимениот дует со Тоше Проески, ги бодреа македонските ватерполисти заедно со стотина наши навивачи на трибините на базенот „Младост“ во Загреб. Шола беше облечена во македонска навивачка маичка.
СРБИТЕ ПРЕСИЛНИ ЗА РУСИТЕ
Група А, трето коло: Турција - Италија 4:9, Романија - Хрватска (синоќа) и Црна Гора - Шпанија (синоќа). Табела: Италија 9, Романија 6 (-1), Хрватска 3 (-1), Црна Гора 3 (-1), Шпанија 0 (-1) и Турција 0. Следно коло, утре: Црна Гора - Турција (11,30 ч.), Италија - Романија (18 ч.) и Шпанија - Хрватска (20,40 ч.).
Група Б, трето коло: Русија - Србија 10:16, Македонија - Германија 7:8 и Унгарија - Грција (синоќа). Табела: Србија 6, Унгарија 6 (-1), Германија 6, Грција 3 (-1), Македонија 3 и Русија 0. Следно коло, утре: Србија - Македонија (10 ч.), Унгарија - Русија (13 ч.) и Грција - Германија (16,30 ч.). |