До парче леб преку работа на црно во странство
Министерството за труд и домашните агенциите за привремени вработувања, место законски да ја канализираат, мижат на појавата
Маја Томиќ
Безработицата во земјава се' повеќе ги тера Македонците да бараат сезонска работа надвор од земјава. Во услови на крајно нарушен легален пазар на работна сила, при цифра од 340.000 невработени, од кои око��у 70 отсто се под 30-годишна возраст, вработувањето на илегалниот пазар на труд, односно неформалното вработување, почна се' повеќе да станува единствен начин за преживување. Истовремено, сезонските вработувања на црно им одговараат на странските работодавци поради неплаќањето на даноците и на придонесите.
Неофицијално, за документите што треба да ги обезбеди работодавецот што ангажира странски работници, треба да плати околу 200 евра. Затоа македонските сезонци најчесто прават интерни договори на самото место во фирмите, најмногу во градежните.
Голем дел од нашите граѓани, особено младите, до лани, во летните месеци одеа на работа во соседна Грција. Неофицијално, годишно заминуваа околу 3.000 лица. Дневницата беше од 15 до 30 евра, а најмногу работеа на плантажите со овошје, во хотелите и во кафулињата на плажите. Годинава, поради кризата во Грција, многумина заминаа, но набргу се вратија затоа што им беше кажано дека нема доволно работа ниту за Грците.
Повеќе години една од топ-дестинациите за Македонците е Црна Гора, каде што особено во летните месеци помасовно се заминува на работа, пред се', во туристичките објекти, во трговијата и во градежништвото. И најновите податоци од црногорското Министерство за труд и социјала за јули годинава покажуваат дека македонските граѓани се меѓу најбројните сезонци, покрај Босанците и Србите. Нашите граѓани се дури 21 процент од вкупниот број сезонци, или околу 2.000 лица. Според истиот извор, од јануари до крајот на јули во Црна Гора биле времено вработени околу 10.000 лица. Квотата за сезонски работници што ја утврдила владата за оваа година изнесува 15.000, од кои во туризмот 10.500. Оваа земја со години има недостиг од работници од домашната работна сила, поради што се ангажираат странци, особено за време на туристичката сезона. Според црногорската статистика, секоја година доаѓаат се' повеќе сезонци, а лани владата одобрила издавање на 40.000 решенија за работа.
И покрај се' поголемиот интерес на нашите луѓе за работа во Црна Гора, Македонија нема потпишано спогодба со оваа земја за размена на сезонски работници, што би значело нивно законско ангажирање.
Затоа и не треба да чуди што најчесто луѓето заминуваат да работат на своја рака, односно на црно. Познато е дека постојат голем број домашни агенции за привремени вработувања преку кои одат сезонците во странство, но ниту една од нив не сакаше за „Утрински весник“ да го потврди тоа. Сите, всушност, негираа, нејасно од кои причини.
Од Министерството за труд и социјала дадоа само техничко објаснување околу состојбата со сезонците.
„Согласно со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, посредување при вработување во земјата и во странство врши Агенцијата за вработување, која го прави тоа бесплатно. Оваа услуга може да ја вршат и агенциите за посредување при вработување и наплатуваат за тоа. Одобрение за работа овие агенции добиваат од министерот за труд и социјала, со важност од две години и со можност за нивно продолжување. Досега во Министерството се регистрирани 49 агенции за посредување при вработување, од кои дел престанаа да работат, а дел немаат поднесени барања за продолжување на дејноста“, посочува Ерзана Јакупи, портпаролка во Министерството за труд.
Ова Министерство веќе подолго време преговара и бара склучување договор за сезонски вработувања со Црна Гора, со што ќе се регулира бизнисот со нелегален извоз на работна сила од земјава, но неофицијално дознаваме оти нема одговор од нивна страна за соработка.
Досега Македонија има склучено само два договора за сезонски работници, со Германија од 1995 година и со Словенија од 2007 година. Нашите власти, како што дознаваме, испраќале иницијативи до повеќе земји, но досега од нивна страна не бил покажан интерес. На пример, уште во 2006 година Македонија им понуди на Хрватска, Австрија и на Холандија, да склучат билатерални договори за сезонски вработувања, а се' уште нема повратен одговор. Поради економската криза сега работите одат потешко, па и таму каде што и имало добри шанси за соработка, со Шпанија, на пример, пропаднала иницијативата.
Според договорот со Словенија, сезонците можат да работат најмалку три месеци, а најмногу девет во земјата во текот на календарската година. Притоа, еден работодавец може да ангажира максимум сезонски работници колку што има редовно вработени лица во фирмата. Во Словенија еден сезонски работник може да склучи договор за вработување најмногу три пати во период од една година, а платата што ќе ја добива е во конвертибилна валута, при што договорот не содржи минимален износ на плата и на дневница. Тоа треба да се регулира со интерен договор меѓу работникот и работодавецот. |