Заложничката драма ги откри дефектите на системот
Семејната драма во Битола заврши. Родителите се спасени, а синот-заканувач е испратен на психијатриско лекување
БИТОЛА - Битолчанецот Сашо Ангелевски(43), кој цели десет часа ги држеше во заложништво своите родители, е сместен во Психијатриската болница во Демир Хисар. Неговата мајка Марија(67) и таткото Борче (69) се хоспитализирани во Психијатриското одделение во битолската болница. Заложничката драма по долго преговарање меѓу специјалните припадници на МВР и заложникот заврши без жртви, иако мажот во раката држел нож. Епилогот од заложничката драма беше потресен. Мајката Марија додека ја извлекуваа од станот со силни врисоци и потресен плач даваше отпор постојано викајќи: „Ми го отепавте синот“.
Што точно се случуваше завчера во станот на Ангелевски во комплексот „Грозд“ во строгиот центар во Бит, нема одговор ниту полицијата. Истрагата допрва следува. Психијатрите во Демир Хисар вчера не дозволиле полицијата да го сослуша заложникот Сашо Ангелевски, додека, пак, неговите родители почнале да откриваат детали од настанот, но и да зборуваат за својот семеен живот.
Станот на Ангелевски вчера беше затворен, а на вратата беа видливи траги од насилство. Од искршената дупка на влезната врата можеше да се види дел од внатрешноста на нивниот дом. Руинирани врати и прозорци, искршен мебел, ѓубришта, неподнослива смрдеа, чија реа се чувствуваше и во влезот на ламелата. Во такви услови поминувало секојдневјето на трите члена на семејството Ангелевски откако пред десет години по преживеана сообраќајна несреќа, се вратиле во Битола. Семејните расправии биле премногу чести во нивниот дом, од каде што единствено излегувал таткото Борче само колку да набави храна и да ги намири сметките за комуналии.
Според официјалниот извештај на полицијата, семејната драма започнала завчера напладне откако полицијата добила дојава за гласно викање, расправии, закани за живот од станот на Ангелевски, а биле слушнати и звуци, кои, наводно, биле идентични на истрели од огнено оружје.
По ова, битолската полиција се обидела да воспостави контакт со семејството, но и покрај упорноста, не успеало во тоа. Нарушувањето на јавниот ред и мир продолжило, закани за живот добиле и полицајците, па затоа во Битола беа повикани и припадници на ед��ницата за специјални задачи. Специјалците стасаа од Скопје со хеликоптери по што доцна попладнето започнаа преговори со Ангелевски. Но, откако и тој обид остана безуспешен, со судски налог полицијата насилно влезе во станот. Така, околу 21 часот најпрво ја извлече мајката Марија, а потоа и таткото Борче.
Меѓутоа, нивниот син по ова остана уште речиси два часа на терасата од станот.
„Синот даваше активен отпор заканувајќи се притоа за својот живот, како и за животот на полициските службеници, меѓутоа полицијата успеа да го совлада, без некој да биде повреден“, вели Ѓоко Стрезовски, портпарол на СВР - Битола.
По настанот, полицијата изврши претрес на станот, но не најде огнено оружје. На тројцата членови од семејството Ангелевски им е направена парафинска ракавица заради утврдување евентуално присуство на барутни честички, а на вештачање е предаден и ножот, кој заложникот го држел во рацете кога бил соборен.
По ова, битолското обвинителство треба да се изјасни кого ќе го гони и за кое дело. Ангелевски би можело да се товарат за загрозување на општата безбедност.
Станарите на комплексот „Грозд“ вчера потресени од настанот раскажуваа за нивните соседи. Велат дека со години ги трпеле расправиите, викотниците од семејството Ангелевски. Постојано биле во страв дека можеби ќе предизвикаат пожар дека ќе им наштетат на нивните деца, но иако со години се обидувале и барале помош од полицијата и социјални служби да го згрижат во соодветна институција, тоа не се случило. „Требаше одамна да го направи ова полицијата, гревота и за нив, ама гревота и за нас, ноќе не се спиеше од нивните кавги, врескања, тропање по парното, беа неуморни во караниците, особено мајката. Досега двесте пати имавме повикано полиција и социјално, ама си ја префрлаа топката де не се надлежни едните де другите, и ете гледате што се случи“, вели еден од соседите на Ангелевски.
Дали затаиле државните институции во случајот со семејството Ангелевски, допрва ќе се утврдува. Полицијата потврдува дека досега поднела неколку прекршочни пријави за нарушување на јавниот ред и мир до семејството.
Од Центарот за социјални работи во Битола велат дека уште во 2007 година биле запознати со случајот Ангелевски, но тие не констатирале семејно насилство тука само нарушување на јавниот ред и мир. Оттука одговорноста ја префрлиле на полицијата. По ова, во Центарот предметот бил ставен во архива, а директорката Виолета Гаџовска вели дека презеле се' што е во нивна надлежност.
„Ние имаме ингеренции донекаде, но не сме овластена институција да можеме насилно да влеземе по домовите. Институции со поголема надлежност од нашата можат да го решат случајот. Од потесното семејство кај нас никој не се обратил за да можеме ние да разработиме стратегија и да помогнеме. И кога беше отворен предметот, социјалните служби не влегле внатре, а сознанијата ги добивале од соседите. Ние со лице од семејството воопшто не сме биле во контакт“, вели Гаџовска.
За неполна година Битола ја потресоа два настана поврзани со лица со нарушено психичко здравје. Психичко болните лица беа хоспитализиарно откако предизвика опасност за безбедноста на блиските и на соседите. Тоа се случи и со битолчанецот Христо Георѓиевски- Спанаќот, кој ја запали својата куќа, а огнот се прошири на три други куќи од соседство. Дури по инцидентот беше згрижен во Психијатриската болница во Демир Хисар. (А.Б.) |