ЛИЧНОСТ НА ДЕНОТ
Лени Кравиц
Можеби на Лени Кравиц му беа потребни деветнаесет години да не' открие нас, Македонците (и Балканот), но и ние дури сега вистински го откривме него. Леонард Алберт Кравиц е роден во 1964 година во Њујорк, САД, од татко украински Евреин и мајка со потекло од Бахамите. Иако одекот на неговиот успех и слава во формат на рок-ѕвезда во глобалното медиумско село ни даваше привид дека „сме си свои“, на концертот во неделата, 3 август, во Охрид, Лени покажа дека и покрај „долгогодишно познанство од општа култура“, при контакт во живо може да се случи љубов на прв поглед. Максималната професионалност на Кравиц е природна дотаму што прецизно извежбаната програма звучеше како совршена спонтана импровизација, а репликите од сценариото за заведување на публиката - оригинални и искрени. На двочасовниот концерт, покрај тоа што ги испеа своите песни, ни кажа и дека сме „уметничко дело“, „дека пак ќе дојде“, всушност и „дека не му се ни оди“... и се' што би сакал да слушне еден исфрустриран Македонец, на кого на гости му дошла ѕвезда со четири награди „Греми“, композитор, мултиинструменталист, вокалист, кој работи со најголемите ѕверки во светскиот шоу-бизнис. Лени Кравиц дојде да ја промовира својата „Љубовна револуција“, а нам токму тоа ни требаше - да ни даде доказ во живо дека сме барем неколку часа дел од светот. |