Мислења
Под сјајот на олимписките игри, предрасуди од 20 век
Хауард В.Френч
Наеднаш, од фактот дека целиот свет е сцена, Кина ќе ја поседува целата сцена, а целиот свет ќе биде нејзин восхитен аудиториум
ШАНГАЈ - Церемонијата на отворањето на Олимписките игри во Пекинг, од која не' делат уште неколку дена, ќе биде причина Шекспир да се превртува во гробот. Наеднаш, од фактот дека целиот свет е сцена, Кина ќе ја поседува целата сцена, а целиот свет ќе биде нејзин восхитен аудиториум. Таков голем момент и огромна можност е токму она за што Кина напорно работеше толку многу години: повеќе од шанса да се дотера сопствениот „бренд“, од почеток оваа шанса се смета за можност да се даде гигантска изјава пред кинескиот народ и пред светот, во која се вели: „Видете, ние стигнавме“.
Модерните олимписки игри долго време се користат за давање изјави, и поиндиректно, тие секогаш изнесуваат на виделина интересни нешта за самодовербата на домаќинот. Во овој случај, малкумина би го избегнале впечатокот за вообразен монументализам во начинот на кој прекрасниот стар империјален главен град на Кина се реновираше за оваа пригода, со потрошени огромни суми пари за објектите што јасно биле дизајнирани, имајќи ја на ум стравопочитта. Сепак, спомениците функционираат на неколку нивоа, а едното од нив е да се поставуваат прашања. И колку е поголема столбната плоча или пирамидата, толку е поголем и неодолив нагонот кон збунетоста.
Како што посочија овдешните власти, свеченостите во Пекинг се прослава на досега невидена успешна сторија: воскреснување на најголемата земја во светот и една од најстарите култури и поставување на Кина на брзиот колосек, кој одзема здив за кумулација на богатство и економски напредок, сево ова, секако, под водство на Комунистичката партија.
Многу нешта треба да се „сварат“, па не' повредува тоа што оваа сторија главно се приспособува на реалноста. Работите навистина не стануваат интересни се' додека некој не почне да мисли во рамките на она што беше добро, а што не во Кина, и прашува зошто. За сите надолни и нагорни трендови на кинеската економија и за сиот сјај собран околу Игрите, луѓето кои посериозно гледаат на работите ќе бидат погодени од непогрешливата импресија - дека Кина во основа е повеќе старомодна земја, која со голема брзина оди напред поттикната од повеќето стандардни критериуми што се користат за мерење на глобалните сили, но сепак, парадоксално, се' уште е далеку од врвот. Некој би можел да посочи дека земјата и понатаму тажно заостанува во смисла на одговарање на потребите на својот народ.
Пред шест децении, со марксистичката револуција на Мао, Кина тргна во насока на создавање на „новиот човек“, кој ќе напредува во земја каде што класните разлики се елиминирани. Диктатурата на пролетеријатот од страна на авангардната партија, применувајќи таинствени, но научно цврсти дијалектички резонирања, би осигурала дека земјата остана на курсот на напредокот и триумфираше над нејзините капиталистички ривали. Марксизмот пред се' е материјалистичка идеологија, а со оглед на тоа дека довербата во ова кредо не е исчезната од општеството, материјализмот опстана, поведен во еднакви делови од кинеската иницијативност и штедливост.
Што останува? Од времето на Денг Ксијаопинг, одговорот е - народ кој е слободен да се стреми кон богатство, но е охрабрен да не се меша во големите прашања за нивното место во општеството или за местото на нивното општество во светот. Во меѓувреме, државата зазеде целосно конвенционален приод кон изградбата на нацијата, панично обидувајќи се да ги исполни целите на 20 век, чекорејќи ги истите чекори, како креирање динамична економија или испраќање луѓе на месечината, дури и кога новите и многу поинакви барања на 21 век, од револуција во употребата на енергијата и почитување на животната средина до редефинирање на човечкиот развој, се многу поитни.
Пренесувајќи го Ниче, кој веруваше дека христијанството е катастрофа од која западната цивилизација се' уште закрепнува, Кери Браун, автор на „Гигантот кој се бори: Кина во 21 век“, вели дека индустријализацијата на Кина „е катастрофа од која никогаш нема да закрепнеме“. Иронично, нема подобар симбол од оваа „пред потопот“ предрасуда, отколку самите Олимписки игри. Голема трагедија е една од загубените можности за Кина и за светот, која има потреба да успее. Смртта на Мао обезбеди ретка шанса за табула раза, но Кина сепак се одлучи за конвенционалност. Дел од ова, несомнено, е поради траумата од предходните децении, што ги натера луѓето да избегнуваат поамбициозни експериментирања, а пред се', шокот.
Другиот дел се должи на друга старомодна наклонетост: опсесивната потреба на државата за контрола, што бара исклучување на луѓето од процесот на донесување одлуки. За почеток, вистинското повторно пронаоѓање ќе бара насочување на националната дебата кон целите и потребите, но кинеските лидери се плашат од ова и изгледа се кријат зад крутите маски. Голем дел од таинствениот јазик на минатото опстојува, дури и ако малкумина веруваат во тоа. „Не сум заинтересиран за лидерите, чиишто лица остануваат исти и по сиве овие години, како да се копирани од иста машина“, напиша еден истакнат писател. „Животот на обичниот народ само малку е изменет“.
(Авторот е виш соработник на „Њујорк тајмс“) |