Топол бран со африканска прашина и 40 степени
Од крајот на втората декада на август, топлиот бран ќе биде заменет со влажни бранови од северозапад
Снежана Калабакова
Во Македонија топлото и спурно време, со температури до 35 степен, ќе биде карактеристично и за најголем број денови на август. Викендов метеоролозите најавуваат мало наоблачување, а за в сабота ќе има услови за локално невреме. Нов топол бран ќе пристигне од понеделник, а од вторник до четврток температурите на воздухот ќе се искачат до 40 Целзиусов степен. Во овие денови, за кои се прогнозира да дува и јужен ветер, метеоролозите од Управата за хидрометеоролошки работи најавуваат и појава на африканска прашина.
Во последната декада на август топлиот бран ќе се помести на исток, а Македонија ќе биде под влијание на чести влажни бранови, кои ќе донесат дожд и пониски температури.
До крајов на неделава подрачјето на Македонија ќе биде под влијание на топла воздушна маса што ќе пристигне од северозападните делови на Европа.
Времето ќе биде главно сончево, но во текот на денот ќе има појава на зголемена облачност, проследена со дожд и со грмежи, кои ќе донесат мало освежување и пад на температурите на воздухот, кои ќе се движат меѓу 28 и 35 степени.
Од крајот на втората декада, па до крајот на август, топлиот бран ќе биде заменет со влажни бранови од северозапад. Утринските температури ќе бидат меѓу 8 и 15 степени, а дневните до 32 степен. |