Поглед
Ударнички мерки
Соња Маџовска
Лебот може да поскапе, маслото за јадење треба да поевтини, но нема да паднат цените на туристичките услуги. За поевтинувањето на зелениот картон мислењата се поделени. Граѓаните не се задоволни, оти најчесто досега купуваа месечен картон за летување што чини 40 евра, а од септември ќе мора да си купат за цела година што ќе чини 60 евра или 90 евра, во зависност од моќноста на автомобилот. Намалувањето на годишниот зелен картон го поздравија транспортерите, кај нив падот на цената е од 450 на 280 евра.
Ова се директните ефекти од пакетот економски мерки што ги донесе Владата уште првиот ден по нејзиниот избор.
Допрва ќе ги видиме ефектите од ослободувањето на данокот на добивка за фирмите, чиј вкупен приход остварен во претходната година по сите основи не изнесува повеќе од три милиони денари.
Она на што најмногу се израдуваа граѓаните, а особено младите брачни парови се субвенциите што ќе ги дава државата за купување стан или куќа. Ама и таму засега има многу непознатости и многу ограничувања. Не се знае со колку пари државата ќе им помага на граѓаните при купување стан или куќа, согласно со новите законски решенија, нема утврдено ниту колкава сума од буџетот ќе издвојува годишно за оваа намена за да се знае и на колку граѓани ќе им биде достапна оваа мерка. А Владата нема ниту договор со банките за камата од 5 отсто ниту договор со градежните компании за квадрат од 900 евра.
Сето ова допрва ќе треба да се прецизира.
Владата ударнички го донесе пакетот економски мерки што ги вети во предизборието, бизнис-заедницата ги поздрави, а граѓаните за неколку месеци ќе кажат какви ќе бидат ефектите врз нивниот џеб. |