02.05.2012, 16:56 Среќен роденден, претседателе!
Ѓорге Иванов наполни 52 години, а наскоро ќе заокружи и три години на функцијата
Александра М. Митевска
Претседателот Ѓорге Иванов наполни вчера 52 години. Во политиката, шестата деценија од животот е возраст што би можела да се смета за оптимална за извршување на највисоката функција во државата. Во регионот моментно владеат политичари од тие генерации. Хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ има 57 години, претседателот на Словенија Данило Турк само што наполни 60 години, Борис Тадиќ во Србија е меѓу помладите, роден е 1968 година...
Иванов дојде на функцијата кога имаше 49 години. За десетина дена, тој ќе одбележи уште една годишнина. На 14 мај ќе се навршат три години од неговата инаугурација за четврти претседател на Македонија. На Иванов, кој го презема кормилото од социјалдемократот Бранко Црвенковски и кој е вториот шеф на државата избран како кандидат на политичката десница, му преостануваат уште две години од мандатот што го извршува во резиденцијата на Водно.
Претседателот се врати завчера во земјава, по турнејата што ја имаше низ Балтичките земји. Во Латвија и во Литванија собираше искуства за интеграцискиот процес и лобираше за поддршка за евроатлантските интеграции на Македонија, во пресрет на самитот на НАТО.
Самитот во Чикаго, со месеци наназад, е топ-тема во македонската јавност, поради нараснатите очекувања дека е таму можна промена на заклучокот од Букурешт, со кој на долги патеки е блокиран приемот на земјата во Алијансата. Во подгревањето на надежите се вклучи и самиот Иванов, кој во повеќе наврати ја потенцираше хашката пресуда за Времената спогодба како документ до кој треба да се држи меѓународната заедница.
Во очекување на „Чикаго“, Иванов не се обиде да ги приближи ставовите на политичките фактори во земјата, меѓу кои разликите стануваат се' поочигледни, и покрај тоа што, декларативно, сите го третираат членството во НАТО и во ЕУ како стратешки приоритет. Таа работа им ја препушти на владејачките партии, кои поднесоа во парламентот уште една Декларација - овој пат за „реафирмирање на реализацијата на стратешката цел за членство во НАТО“, која доби поддршка од опозицијата. Со тоа претседателот уште еднаш покажа пасивност во комуникацијата со политичките субјекти. И повторно докажа дека крупните потези и големите одлуки, најчесто, и' ги препушта на Владата. Односно на политичката гарнитура која го донесе до претседателскиот трон, а со која тој се труди редовно да одржува добри релации, така што меѓу нив, досега, немало напнатост, барем не на јавна сцена.
Кога Иванов се врати во Скопје, јавноста беше фокусирана на информацијата дека се откриени сторителите на петкратното убиство кај Смилковци. По Велигденската литургија во Соборниот храм во Скопје, Иванов кусо го коментираше злосторството што беше извршено на Велики Четврток. На инсистирањата на опозицијата да го свика Советот за безбедност, тој одговори дека ќе закаже состанок кога ќе ќе процени дека е тоа потребно. Сличен одговор имаше и во екот на инцидентите во градските автобуси... Впечаток е дека и за менаџирањето на прашањата поврзани со безбедноста, шефот на државата и' ја препушти палката на Владата.
Иванов го прослави 52 роденден во Скопје. Работниот ден го помина во кабинетот, а соработниците му приредија изненадување: Деветмина домашни џез-музичари му беа гости на Иванов во резиденцијата, бидејќи, како што велат во неговиот кабинет, 30 април е Меѓународен ден на џезот, а претседателот е голем љубител на овој музички жанр. Џезерите ги послужил со кафе, торта и пијалок. Вечерта планирал да ја помине дома, со семејството и најблиските пријатели.
Нема информации дали премиерот Никола Груевски му го честитал роденденот на шефот на државата, со кого ја делат извршната власт.
|