07.03.2012, 18:57 Поглед
Осми март!
Валентина Тодоровска
Лесно им дојде на мажите својата себичност да ја камуфлираат со феминистички тези- „нели се боревте за рамноправност, каков 8. март, какви подароци?!“ Прозаичен изговор. Всушност, овој коментар требаше да го пишува некој претставник на посилниот пол, ама со џентлменски манири и да признае дека купил дузина рози што денес ќе ги подарува- на својата љубов, на мајка си, сестрата, колешките од работа. Да каже дека секоја од нив во одредени денови му е вистински светилник, или добива повремен статус на икона, кога е затекнат од добрината, убавината и умот.
Денешните млади жени поинаку ја доживуваат еманципацијата што најмногу зависи од времето во кое ја стекнале свеста каква треба да е вистинската жена. Реално гледано, моќта веќе не дреме во скутот на мажите. Доказ дека жените од илегала преминаа на конкретна пресметка настана во моментот кога алфа мажјакот сфати дека не може да жонглира со професионални, семејни и полови односи, со полни машини за перење, планови за унапредување во работата, и едноставно ја загуби концентрација. Не е лесно да војуваш со жена, а ако не можеш да ја победиш- сакај ја.
Супер жени од нашето окружување знаат дека светот во кој живееме е поинаков одошто бил пред само педесетина години. Кога американките во „контејнер на слободата“ ги фрлале градниците и вештачките трепки, кознае дали вака ја замислувале еманципацијата. Нашите баби и мајки- сигурно не. Ама на нив не им требаше конкретна пресметка туку- почитување.
Затоа, денес да не глумиме навреденост, непристапност, да не се браниме од рози зошто сакаме „секој ден да е Осми март“. За да уживате во љубов морате да се сакате себе си, за да ги нахраните другите, мора да сте сити... За денот да ви биде убав, широко насмевнете се, и прифатете го подарокот без излитени говори. |